Полициски нуркачи најдоа пила во близина на рутата на подморницата Наутилус на Петер Мадсен, а истрагата треба да потврди дали таа е користена за обезглавување и отсекување на нозете и рацете на новинарката Ким Вал, јавиновинската агенција Ritzau.

Полицијата во Копенхаген потврди дека пилата е најдена во средата, во близина на рутата која ја поминала подморницата на Мадсен на 11 август.
„Пилата е на форензика која треба да покаже дали е употребена за отстранување на нозете, рацете и главата на шведската новинарка Ким Вал, од нејзиното тело“, велат од полицијата.
Порано оваа недела, Мадсен објави преку неговиот адвокат дека не сака повеќе да одговара на полициски прашања во врска со случајот.
Ова доаѓа откако во саботата беа откриени облеката, главата и нозете на 30-годишната новинарка во заливот Коге во данскиот главен град.
Мадсен негира дека ја убил или дека го распарчил телото на новинарката за кој тврди дека починала од случаен удар од врата во подморницата.
Сепак, на главата на Вал не се најдени скршеници.