Нов дводневен притвор за насилниот сопруг и татко на починатата жена и ќерка од Тафталиџе

Се постапува по издадените наредби за вештачење на три мобилни телефони и се анализираат видео-записи од критични локации

од Nikola Popovski
12 прегледи Фото: Фејсбук/Стојанче Јовановски

Скопското обвинителство информираат дека е одреден нов притвор од 48 часа за Стојанче Јовановски, насилниот сопруг и татко од Карпош, чија сопруга и 6-годишно дете починаа по пад од балкон.

-Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлог за продолжување на мерката краткотраен притвор за нови 48 часа, бидејќи се постапува по издадените наредби за вештачење на три мобилни телефони и на други предмети, се обезбедуваат и анализираат видео записи од повеќе критични локации, а се обезбедува и целокупната документација за претходни поплаки и пријави за семејно насилство кои се однесуваат на осомничениот и починатата жена. Дополнително се преземаат и други дејствија од значење за докажување на кривичните дела чии елементи се испитуваат во моментов, информираат од МВР.

Тој е осомничен е за три кривични дела – нанесување телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство.

Во целата постапка важен ќе биде и обдукцискиот наод – од Судска медицина не откриваат дали извештајот е готов и што е нотирано во него, иако, обдукцијата е завршена.

Јовановски имал повеќе пријави за семејно насилство, но сопругата секогаш се повлекувала од постапката, така било и кобниот ден. И бил познат на полицијата, поднесени му биле 10 кривични пријави – меѓу нив за кражби и дрога. Сопружниците воделе три бракоразводни постапки, а против Јовановски, освен 10-те кривични пријави, имало и две правосилни пресуди за насилство.