Инцидентот дополнително ги засили тензиите во градот, кои се зголемени откако минатата недела агент на ICE усмрти жена, што предизвика протести низ целата земја, пренесува Би-Би-Си.
Потера што завршила со пукање
Во соопштение објавено на платформата X, DHS наведува дека на пукањето му претходела автомобилска потера по државјанин на Венецуела кој илегално престојувал во САД. Потерата завршила со сообраќајна несреќа, по што на осомничениот му се придружиле уште две лица и заедно го нападнале службеникот.
Ранетиот маж бил пренесен во болница со повреди кои не се опасни по живот, а медицинска помош добил и агентот на ICE.
Од министерството подетално го опишаа настанот:
„Додека осомничениот и службеникот на редот се бореле на земја, две лица излегле од блискиот стан и исто така го нападнале службеникот со лопата за снег и дршка од метла.“
Во соопштението се додава дека, додека службеникот бил во заседа и нападнат од двајца напаѓачи, првичниот осомничен успеал да се ослободи и почнал повторно да го удира со лопата или дршка од метла.
„Плашејќи се за својот живот и безбедност, додека тројца лица го напаѓале од заседа, службеникот испукал одбранбени куршуми“, наведуваат од DHS. Двајцата напаѓачи се приведени.
Блокада и истрага на ФБИ
Според информации што официјални лица ги дале за CBS News, ранетиот маж по пукањето се забарикадирал во куќа заедно со уште три лица. Специјализиран тим на ICE упаднал во објектот и ги привел сите лица затекнати внатре. Би-Би-Си не можеше независно да ги потврди овие детали, а ФБИ отвори истрага за инцидентот.
Нови судири и остри политички реакции
По пукањето, во населбата Хоторн избиле нови судири меѓу демонстрантите и полицијата. Началникот на полицијата, Брајан О’Хара, изјави дека полицајците биле гаѓани со пиротехника, мраз и снежни грутки. Локалните медиуми, меѓу кои и Minnesota Star Tribune, објавија дека биле оштетени повеќе возила за кои се верува дека припаѓаат на федерални агенции.
Градските власти на Минеаполис повикаа на смиреност. „Разбираме дека постои гнев. Ја молиме јавноста да остане мирна“, објавија тие на X, додавајќи: „Градот Минеаполис повторно бара ICE веднаш да го напушти градот и државата“.
Градоначалникот Џејкоб Фреј ја оцени состојбата како „неодржлива“ поради доаѓањето на нови федерални агенти спротивно на волјата на локалните власти.
Закани од Трамп, остри поделби
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе се повика на Законот за побуна доколку локалните власти не преземат мерки за да ги „запрат професионалните агитатори“. Станува збор за закон стар повеќе од 200 години, кој му дозволува на претседателот да ја користи армијата за спроведување на законот внатре во САД.
Заменикот државен обвинител Тод Бланш за немирите ги обвини „неуспешниот гувернер и ужасниот градоначалник“. Од друга страна, гувернерот на Минесота, Тим Волц, го повика Трамп да ја прекине, како што ја нарече, „окупацијата“ со службеници на ICE, истакнувајќи: „Гневот не е доволно силен збор“.
Тензии по убиството на жена од страна на ICE
Тензиите во Минеаполис траат од 7 јануари, кога агент на ICE ја уби 37-годишната Рене Никол Гуд. Видео-снимки од инцидентот прикажуваат агенти како ѝ се приближуваат на автомобилот, а еден од нив, стоејќи пред возилото, испукува три куршуми во возачката додека таа се обидува да тргне.
Градските власти тврдат дека Гуд била на местото како правна набљудувачка, додека администрацијата наведува дека таа го попречувала работењето на агентите и се обидела да убие еден од нив, квалификувајќи го случајот како „домашен тероризам“ – тврдења кои, според критичарите, не се потврдени со снимките. И овој случај е предмет на истрага на ФБИ.
Во меѓувреме, преку онлајн кампањи се собрани повеќе од 1,4 милиони долари за семејството на Рене Гуд, додека за агентот на ICE вклучен во инцидентот се собрани околу 740.000 долари.