Низ социјалните мрежи кружат фотографии на кои се гледа како има гужва во градските автобуси.
„Чув имало одлука на Влада автобусите на ЈСП да возат со 50 отсто капацитет. Само ај оди спроведи ја. (Преполна двојка – во моментов)“, пишува под фотографијата која беше објавена на Фејсбук.
Додека западноевропските метрополи го зголемуваат јавниот превоз како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, ЈСП вози со редуциран возен ред.
Ова доаѓа во момент кога во сила се протоколите според кои во автобусите се ограничува бројот на патници на 50 отсто од капацитетот.
Вчера градоначалникот на Град Скопје информираше дека во моменов бројот на патници во автобусите на ЈСП е околу 30 проценти од вообичаеното колку што имало дневно.
Тој исто така вели дека во тнр. сообраќањен шпиц бројот на автобуси е двојно зголемен на главните градски линии, така што според него нема опасоност од наплив.
„Градот е подготвен и оспособен во зависност од бројот на патниците да влезе во спречување на создавање метежи, меѓутоа фактот е кога ќе ги погледнете бројот на валидираните карти, можете да направите лесна компарација и ќе дојдете до заклучок дека само 30 проценти од она што било капацитет во текот на истиот период лани, годинава се возат“,изјави Шилегов.