Нов обид да почне судењето за пожарот во тетовската модуларна болница

од Nikola Popovski
177 прегледи

За денеска во Основниот суд во Тетово е закажан четвртиот обид да почне судењето за пожарот во тетовската модуларна болница што се случи на 8 септември 2021 година. Судијата Јордан Велковски на последното рочиште го одложи судењето откако адвокатот на еден од обвинетите Бобан Вучески не бил присутен.

Причина за одлагањето беше и тоа што другите адвокати побараа освен увид да имаат и препис од доказните материјали.

Обвинети се директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, како и докторот Бобан Вучески и Клиничка болница Тетово како правно лице.

Двајцата првообвинети се товарат дека сториле по едно кривично дело – Тешки дела против општата сигурност по чл.292 ст.4 в.в. со чл.288 ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик, третиот обвинет сторил кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по чл.206 ст.1 од Кривичниот законик, додека обвинетото правно лице сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност по чл.288 ст.5 в.в. со ст.4 в.в. со ст.2 и кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија согласно чл.206 ст.2 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик – стои во соопшението од Обвинителството.

До судење дојде откако на 27 јули Обвинителството поднесе обвинителен предмет од Основен суд Тетово. Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, електроинжинер и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.

Во пожарот кој се случи вечерта на 8 септември лани, изгореа 14 лица, од кои 12 пациенти и две лица придружба.

Слични содржини