Денеска нов обид да се избере претседател на Уставен суд откако изминатите денови пропаднаа шесте обиди во кои ниту еден од кандидатите не успеа да собери двотретинска поддршка од своите колеги или шест гласа за да биде избрана една од двете кандидатки Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павловска-Данева.
Во петокот, во два наврати судиите гласале за предложените кандидати, при што ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство.
Согласно Деловникот, постапката за избор се повторува се додека не се избере претседател на Уставниот суд. За избор на претседател на Уставниот суд е потребно двотретинско мнозинство од вкупниот број судии или најмалку шест гласа за еден од кандидатите. Изборот се врши согласно член 7 од Деловникот за работа на судот. Гласањето е тајно.
Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.
Вчера на 2-ри јуни, заврши мандатот на досегашната претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска. На прес-конференција во средата (29.05), судијката оцени дека мандатот го завршува со чувство на исполнетост, водејќи се од идејата дека правдата секогаш ќе биде императив.