Откако лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се договорија за одложување на пописот Заев најави дека денеска е закажана средба со претставници на Алијансата за Албанците и Алтернатива на која ќе се разговара за Законот за државјанство, но и за сите останати прашања.
Заев изрази надеж дека на средбата на претставниците на парламентарните партии ќе се изнајде решение.
– Иако средбата за е закажана за Законот за државјанствата…, ако има потреба да се разговара за пописот, јас ќе разговарам, се со конечна цел да изнајдеме сите усогласени ставови, да застанеме зад пописот, зошто е важно да ја имаме успешно спроведено оваа статистичка важна операција за државата и народот, рече Заев.
Генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари најави дека е можно оваа партија да не присуствува на средбата што ја најави премиерот Заев.
– Се сомневам дали ќе седиме и не знаеме дали треба да седиме со нив на маса. Но, повторно има партиски тела кои денеска ќе одлучуваат. Имаме сериозни дилеми дали вреди да седнеме со личност која ја менува изјавата пет пати на ден. Човекот не е сериозен и тешко е да се најде заедничко решение со него. Тоа што го ветува денес, утре не го исполнува, изјави вчера Таравари.
Претседателот Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност изјави дека не е добро да се нема решение за реалните проблеми.
– Не е добро заради еден политички предлог на опозицијата Парламентот да биде комплетно парализиран, но не е добро да немаме решение и за реалните проблеми на нашите граѓани кои со години живеат тука, а не можат да го регулираат својот престој и да ги остваруваат своите права сосема небитно колку луѓе спаѓаат во таа категорија, истакна претседателот Пендаровски.