Нов пакет мерки: Финансиска помош за речиси 10 000 компании

од Берта Китинска
387 прегледи

Новиот шести пакет мерки вреди вкупно 17,8 милиони евра, и со него ќе бидат опфатени околу 10.000 компании и околу 60 илјади вработени.

На угостителските објекти ќе им бидат покриени 30 отсто од приходите и дополнително ќе добијат финансиска помош од 15.200 денари за секое вработено лице, кажа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на презентацијата на шестиот пакет економски мерки за помош на граѓаните и фирмите. За овој сектор ќе бидат одвоени 9,9 милиони евра, со кои се очекува да бидат опфатени 6 илјади угостителски објекти со околу 17 илјади вработени.

Битиќи рече дека со околу 2,5 милиони евра ќе бидат поддржани приватните детски одмаралишта, ноќните клубови, игротеките, рестораните за свадби, евент индустријата, фитнес центрите и фотостудијата. И на оваа категорија, во која спаѓаат околу 1.200 компании, ќе им бидат покриени околу 30 отсто од приходите и дополнително ќе добијат поддршка од 15.200 денари по вработен.

За туристичките агенции во овој пакет се одвоени 1,4 милиони евра. Агенциите со А лиценца ќе добијат најмногу до 5 илјади евра, а туристичките агенции со Б лиценца до 2.000 евра. Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат туристичките водичи и музичарите кои во 2020 година имале просечен месечен нето приход под 15 илјади денари. Планирани се и бесплатни 50 илјади ПЦР тестови за странските туристи кои ќе престојуваат во земјава.

Владата носи сеопфатни мерки за стопанството и граѓаните

Од самиот почеток на кризата, Владата носи сеопфатни мерки во консултација со сите засегнати страни, како и со меѓународните финансиски институции, со цел задржување на ликвидноста на компаниите и на работните места, напиша премиерот Зоран Заев на ФБ.

Заев потсетува дека шестиот пакет вреден 17,8 милиони евра, опфаќа седум мерки со кои се таргетирани најпогодените сектори од корона-кризата. Со нив, како што наведува, ќе се поддржат 10.000 компании кои вработуваат околу 60.000 граѓани.

-Со мерките се предвидени:Финансиска поддршка од 9,9 милиони евра за 6.000 угостители со околу 17.000 вработени; Со 2,5 милиони евра ќе се поддржат категоризирани – ресторани за свадби, „евент” индустријата, игротеки, ноќни клубови, приватни детски одморалишта, фитнес центри, фотографи и фотографски студија; Категоризираните туристички агенции ќе бидат поддржани со 1,4 милиони евра;

Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат и сите музичари и туристички водичи;

Околу 2 милиони евра се наменети за поддршка за ликвидноста на компаниите;

Со 1 милион евра ќе се поддржат медиумите кои емитуваат радио и телевизиска програма;

Бесплатни 50.000 ПЦР тестови за странските туристи кои престојувале во државата, стои во објавата на премиерот Заев.

За ВМРО-ДПМНЕ шестиот пакет-мерки е задоцнет

Според ВМРО-ДПМНЕ, шестиот пакет-мерки на Владата е задоцнет и нема да ги покрие загубите на најкритичните стопански дејности затоа што тие не одговараат на моментната економска состојба во државата.

-Скандалозно е носењето мерки дури пе цел месец рестрикции откога беше воведен полицискиот час, со кој се ограничи движењето на населението во вечерните часови, токму во времето кога погодените економски сектори го остваруваат приходот, велат од опозицијатa.

Слични содржини