Нов штрајк на матичните лекари, ќе се прегледуваат само итни случаи

од Nikola Popovski
184 прегледи

Матичните лекари од утре го почнуваат тридневниот протест. Тие ќе бидат во нивните ординации, но нема да издаваат упати и рецепти и ќе прегледуваат само итни пациенти.

Здружението на приватни лекари по четврти пат годинава организира протест, бидејќи според матичните лекари, властите немаат слух за нивните барања. Поголема капитација, евентуално воведување на минимална партиципација за одење кај матичен, пациенти на ПЗУ, регулирање на електронски рецепт се само дел од барањата на примарното приватно здравство, кое веќе долго време очекува решенија на проблемите.

-Платите на наставниците им се покачија, исто така тоа се случи и со лекарите од јавниот сектор, полицијата, матичарите… ние толку толерантно чекаме со години да се најде решение за нашите барања. Сме останале во оваа држава за да работиме. Немам млади кадри, а ни се потребни за работа и тоа во помалите градови. Со сите нови покачаувања, многу е тешко еден лекар да егзистира, изјави пред неколку дена за „Локално“ д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари (ЗПЛРМ).

Таа очекува поддршка од министерот за здравство Беким Сали.

-Министерот доаѓа од примарното здравство и ние навистина очекуваме од нашиот колега дека ги разбира нашите проблеми и дека ќе застане рамо до рамо да направи нешто за нас како и за стоматолозите, порача Дервишова.

Протестот не доби поддршка од Здружението на лекари по општа и семејна медицина.

Слични содржини