Матичните лекари нема да работат од 12 до 16 часот поради убиството на нивниот колега

од Nikola Popovski

Матичните лекари од приватното здравство денеска од 12 до 16 часот нема да работат во знак на револт, откако во петокот нивниот колега, 67-годишниот матичен лекар Ацо Трповски кој со години работел во ординацијата во скопската поликлиника „Железара“, беше пронајден мртов во неговиот автомобил паркиран пред установата. Претседателката на Здружението на приватни матични доктори, Лилија Чолакова Дервишова порача дека е неопходно да се донесе закон за докторска дејност со кој точно ќе се дефинираат условите, правата и должностите на лекарите.

Телото на лекарот избодено до смрт го пронашол неговиот син, кој тргнал да го бара татка си, откако тој не вратил дома по завршување на смената. Кога пристигнале лекарите од итната медицинска помош било доцна. Констатирале смрт, а по налог на обвинител телото го предале за обдукција.

Истрагата е во тек, се бара сторителот за да се утврди и мотивот.

Лекарската комора го осуди убиството и побара истражните органи веднаш да го расветлат убиството.

„Никаков вид насилство во општеството не смее да се толерира, бидејќи насилството не е соодветен начин на кој се решаваат проблемите. Истакнуваме јавно барање надлежните институции итно да постапат за овој случај и да ги преземат сите неопходни мерки за да ги утврдат околностите во кои се случил настанот и соодветно на тоа да го пронајдат сторителот и да го санкционираат“, се вели во соопштението од Лекарската комора.

Од Лекарската комора изразија сочувство до семејството. Посочија дека загубата на лекар е и загуба за целиот здравствен систем.

Слични содржини