
Охриѓани и вечерва ги вознемири силен потрес со магнитуда од 3.7 степени според Рихтер. Земјотресот е регистриран во 21.31 часот со епицентар на 6 километри од с. Косел и на длабочина од 2 километри. На овој потрес му претходеше уште еден со послаб интензитет од 3.1 степен што се случи во 17.10 часот. Серија земјотреси го потресоа Охрид и во текот на изминатата ноќ. Најсилниот беше со магнитуда од 4.1 степен кој се случи неколку минути по полноќ.
Охриѓани живеат под постојан стрес од 18-ти јуни, кога започна да се тресе тлото под Охрид. Дел од граѓаните ноќите ги минуваат на отворено, или на некое друго, за нив побезбедно место.