Владата на седница не го продолжи рокот на пакетот антикризни мерки, што значи дека од денеска стапката на ДДВ за основните производи се враќа на 5 %, а се одмрзнуваат и трговските маржи на основните прехранбени производи.
Даночниот советник Павле Гацов нема дилема дека враќањето на стапката на ДДВ од 0% на 5 % за храната и ДДВ за нафтените деривати од 10 на 18%, секако ќе ги зголеми цените.
-ДДВ-то компаните го наплатуваат за сметка на државата и тоа не претставува нивен приход. Од друга страна слободното формирање на трговските маржи за прехранбените производи дополнително ќе влијае на зголемувањето на малопродажните цени со оглед дека за дел од производите маржите беа целосно укинати. Да потсетиме дека и ДДВ од 5% ќе се пресметува на цената во која е вклучена и зголемената маржа, што дополнително ќе влијае на зголемувањето на малопродажните цени, рече Гацов за Локално.
Денеска лебот и брашното со повисока маржа и пресметан ДДВ од 5 отсто ќе имаат повисока цена за 5 до 6 денари, а поскапи ќе бидат и другите производи за кои досега имаше ограничена маржа, а не се пресметуваше ДДВ. Но, сѐ ќе зависи од тоа во кој маркет ќе се купуваат овие производи, бидејќи трговците самостојно го утврдуваат процентот на маржата. Пред ограничувањето на маржите на 5 отсто односно на 10 отсто кај трговците на големо и мало, тие пресметуваа маржа од 20 отсто до 30 отсто. Маржата, пак, која ја пресметуваа производителите во крајната цена на производите се движеше од 2 отсто до 3 отсто. Според ова, јасно е дека треба да се очекува поскапување од најмалку 15 отсто, поради маржата и поради дополнителните 5 отсто за ДДВ за производите за кои во изминативе три месеци не се плаќаше ДДВ.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ ова е нов удар врз стандардот на граѓаните. Опозицијата најави предлог на нови измени на законот за ДДВ, според кои нема да се плаќа ДДВ за прехранбени производи, а данокот за горивата да изнесува 5 отсто.
Мерката со која беа замрзнати цените на основните прехрамбени производи беше на сила шест месеци. Од утре се очекува лебот, шеќерот, брашното, маслото за јадење, сувомеснатите производи, тестенините, сирењето и урдата, да се продаваат по цени што ќе бидат повисоки за 5-15 денари а на горивата за околу 10 денари.