Македонска делегација предводена од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска и утре ќе престојува во Софија каде треба да се одржи состанок на работната група за транспорт и инфраструктура меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Според најавите на состанокот, ќе се разговара за најавената авиолинија од Софија до Скопје, како и за прашањата кои се од заеднички интерес во делот на патниот сообраќај, транспортната поврзаност и дигитализацијата.
Се очекува утре македонската и бугарската делегација од ресорните министерства за транспорт заедно со туроператори со лет од Софија до Скопје да пристигнат на Меѓународниот аеродром Скопје со што ќе се реализира и првиот лет на оваа релација.
Очекувањата се дека редовната авиолинија Софија – Скопје ќе почне да функционира од следниот месец, а за неа, според најавите, е заинтересирана компанијата „Гуливер”.
Премиерот Димитар Ковачевски најави дека доколку се постигне напредок, прифатлив за двете страни, врз основа на европски вредности и почитување на двете страни, како на државите, така и на граѓаните, тогаш МНР тоа ќе го соопшти, на ист начин како што министерот Бујар Османи неодамна ја информираше Комисијата за надворешна политика во Собранието.
По посетата на Петков во Скопје и заедничката седница во Софија, двете земји договорија засилена динамика за решавање на спорните прашања со цел што поскора интеграција на Северна Македонија во ЕУ. Формирани се и работни групи коишто во наредните шест месеци зачестено ќе се среќаваат за да разговараат за отворените прашања меѓу двете земји.