НОВА МЕРКА: Отпис на камати и репрограмирање на долгови за 150.000 граѓани

од Берта Китинска
432 прегледи

Владата на денешната седница го утврди текстот на Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица во услови на Ковид-19, информираше премиерот Зоран Заев.

-Со оваа мерка, уште еднаш ја потврдуваме нашата грижа за граѓаните и тоа во услови што ги предизвика пандемијата со Ковид-19 и социо-економските последици што ги предизвика за граѓаните.Грижата што ја покажуваме со оваа мерка опфаќа преку 150.000 граѓани, а законското решение нема негативни финансиски импликации. Напротив, сметаме дека ќе донесе позитивен импакт, бидејќи ќе им овозможи на граѓаните, растеретени од притисокот да ги плаќаат каматите, да ја исплатат само главницата на долгот и тоа на повеќе рати, рече Заев.

Премиерот додаде дека со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за отпишување на пресметани камати по основ на долгови на физичките лица кон државните органи и јавните институции и даночни долгови, како и репрограмирање на главниот долг и трошоците, на физичките лица кои доспеале за плаќање заклучно со денот на влегување во сила на овој закон.

-Оваа законско решение е еднократна помош за решавање на проблемот на граѓаните кои со задоцнето плаќање, или неплаќање на долговите кон државните органи, акумулирале дополнителен долг врз основа на каматите, тука се опфатени пред се најсиромашните граѓани.Во однос на практичното спроведување на овие предложени законски можности, државните органи и јавните институции опфатени со овој закон и Управата за јавни приходи, се должни да го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата на секој граѓанин во рок од 90 дена од денот на влегување во сила на овој закон, кажа Заев.

Тој појасни дека најдоцна во рок од 15 дена, институциите ќе треба да ги известат физичките лица кои се јавуваат како нивни должници, преку  јавна објава на официјалната веб страна на државните органи и јавните институции, преку електронските и печатените медиуми или друг начин, како, на пример, известување и опис на постапката преку сметките што ги добиваат граѓаните по пошта.

Слични содржини