Уште една неизвесна преговарачка недела ја очекува Македонија од утре. Иако досега целиот процес на преговори, за најважните работи договорени во Пржино, требаше да биде завршен, политичките партии сè уште не постигнаа договор.

ambasadori2

Единствено што засега е договорено е изборот на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, и нејзиниот буџет за работа до крајот на оваа година.

Нов официјален рок за партиите да постигнат договор нема, но неофицијално, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат време да ги усогласат ставовите до 5 ноември, денот кога неофицијално треба да се затвори извештајот за напредокот на земјите-кандидатки за членки во ЕУ.

Специјално јавно обвинителство

Преговорите останаа закочени кај помошниците-обвинители на Јанева, односно Советот на јавни обвинители одобри само седум од побараните вкупно 14 помошници-обвинители.

Специјалната јавна обвинителка со работа треба да почне на 2 ноември, но сè уште е неизвесно дали тоа ќе се случи, затоа што таа ги повика избраните помошници да не дадат заклетва дури не се изберат и другите седум колеги што треба да ѝ помагаат.

Парите што Јанева ги побара за да може да работи, на експресен начин беа одобрени од Комисијата за финансирање и буџет и од Законодавно-правната комисија, но идната недела се очекува за парите да гласаат и пратениците на пленарна седница.

Закон за влада

Најголемите несогласувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се во однос на законот за влада, односно ингеренциите на министрите и на замениците-министри. СДСМ смета дека министерот за внатрешни работи треба да ги има сите ингеренции, додека, пак, ВМРО-ДПМНЕ смета дека тој треба да биде само техничко лице во министерството.

Несогласувања има и за надлежностите на замениците-министри. За власта замениците треба да имаат право на вето на сите одлуки на министерот, додека, пак, според опозицијата, ветото треба да се користи само за прашања поврзани со изборите.

Откако во четвртокот излезе информација дека белгискиот олеснувач Питер Ванхауте им дал на политичките партии нов закон за влада, сè уште нема никакви новости, ниту билатерални средби. Олеснувачот моментално е во Брисел, на консултации за понатамошните чекори што треба да се преземат.

Партиите во четвртокот се обвинија меѓусебно за тоа кој ги кочи преговорите.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека СДСМ се однесува неконструктивно и затоа што се плаши од избори, многу често ги менува барањата. Тој побара од опозицијата да се согласат за изборниот законик, кој е веќе договорен, да се изгласа во Собрание.

– Веднаш штом ние се согласиме со некое нивно барање, од СДСМ излегуваат со нов предлог. Ќе направат сè, само за да не се постигне договор – рече Милошоски.

Од СДСМ, пак, на овие обвинувања реагираше генералниот секретар, Оливер Спасовски, кој рече дека евидентно е кој ги кочи преговорите.

– Ако Македонија ја загуби препораката за членство во ЕУ, виновникот ќе биде ВМРО-ДПМНЕ. Ние не бараме ништо повеќе од она што е предвидено со Договорот од Пржино ниту, пак, ќе се согласиме за нешто помалку – рече Спасовски.

Опомени од меѓународната заедница

Изминатата недела, меѓународната заедница неколкупати ја посочи ВМРО-ДПМНЕ како неконструктивна и ги повика партиските претставници во преговорите да ги прифатат обврските што се содржани во Договорот од Пржино.

Во петокот, македонскиот амбасадор во Германија, Сашо Марковски, беше повикан на средба во германското министерство за надворешни работи. Надлежниот дипломат за Балканот, Ернст Рајхел, лично му рекол на Марковски дека ВМРО-ДПМНЕ мора да покаже волја за да успеат преговорите.

„ВМРО-ДПМНЕ мора да ја покаже потребната волја и најбрзо што може конструктивно да ги спроведе Спогодбите од 2 јуни и од 15 јули 2015 година. Целта на спогодбата е да се создадат еднакви шанси за сите партии за претстојните избори, пред сè, преку спроведување на препораките за реформи содржани во таканаречениот Прибе-извештај. Понатамошно неспроведување ќе има последици врз оценувањето на земјата од Европската комисија во претстојниот извештај за напредок“,  стои во дел од пораката од Германија.

Реакции за однесувањето на владејачката партија во преговорите имаа и амбасадорите на САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија и на Европската унија. Тие во средата, во дворот на Владата, прочитаа заедничка изјава, во која велат дека се разочарани затоа што не се испочитувани предвидените рокови за Договорот од Пржино.

„Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат обврската и имплементацијата на Договорот од Пржино на конструктивен и итен начин и со добра волја. Веруваме дека имплементацијата на Договорот од Пржино е најдобриот излез од оваа политичка криза. Го повикуваме премиерот Груески да го охрабри својот тим да го финализира договорот за нерешените проблеми и да ги имплементира потребните реформи бргу, за да може да се обезбедат фер услови и да се одржат кредибилни избори што ќе бидат признаени и од граѓаните и од меѓународната заедница, како и отчетност за евентуални нерегуларности“ , порачаа амбасадорите.

 

META

Слични содржини