Нова одлука на Европската централна банка: Повторно зголемени референтните камати

од Stefanija Kuzmanovska

Управниот совет на Европската централна банка денеска одлучи да ги зголеми трите клучни каматни стапки на ЕЦБ за 50 базични поени, во согласност со својата определба да обезбеди навремено враќање на инфлацијата на среднорочната цел од 2 отсто, соопшти ЕЦБ.

Како што се наведува, се предвидува дека инфлацијата предолго ќе остане превисока, поради што европските банкари одлучија да продолжат со рестриктивната монетарна политика.

„Зголеменото ниво на несигурност ја засилува важноста на пристапот зависен од податоците кон одлуките за референтната стапка на Управниот совет, кој ќе биде одреден со неговата проценка на изгледите за инфлацијата во светлината на дојдовните економски и финансиски податоци, динамиката на основната инфлација и силата на преносот на монетарната политика“, објави ЕЦБ.

Тие изјавија дека Управниот совет внимателно ги следи тековните тензии на пазарот и е подготвен да реагира по потреба за зачувување на ценовната стабилност и финансиската стабилност во еврозоната. Тие исто така додаваат дека банкарскиот сектор во еврозоната е отпорен, со силни капитални и ликвидни позиции.

„Во секој случај, политичките алатки на ЕЦБ се целосно опремени за да обезбедат ликвидносна поддршка на финансискиот систем на еврозоната доколку е потребно и да го зачуваат непречениот пренос на монетарната политика“, наведуваат од ЕЦБ.

Слични содржини