Нова резолуција од САД за Македонија: Пофалена е соработката на АРМ со американската воена структура, останува поддршката за пристапување во ЕУ

„Врската на пријателство меѓу САД и РС Македонија е од витално значење за напредокот на демократските реформи и владеењето на правото во Источна Европа“, порачува сенаторот Велч

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Влада

Нова резолуција на САД за Македонија, со која ни се честитаат 34 години независност, е поднесена од американските сенатори Питер Велч (демократ од Вермонт), Том Тилис (републиканец од Северна Каролина), Џин Шахин (демократ од Њу Хемпшир) и Пит Рикетс (републиканец од Небраска). Велч оддаде почит на 30 години дипломатски односи и пријателство меѓу САД и Македонија, објавува „Benningtonbanner“.

„Врската на пријателство меѓу САД и РС Македонија е од витално значење за напредокот на демократските реформи и владеењето на правото во Источна Европа. Благодарни сме за континуираното партнерство на С. Македонија во нашата заедничка цел за глобален просперитет, мир, соработка и пријателство. Горд сум што ја претставувам оваа резолуција, која оддава почит на три децении пријателство меѓу нашите две земји и им честита на луѓето од С. Македонија за нивната 34-годишнина од независноста“, изјавил Велч.

Тој додал дека ќе продолжи да го поддржува пристапувањето на Македонија во ЕУ, како и да ја зајакне соработката и координацијата меѓу Македонската армија и Националната гарда на Вермонт.

-Оваа соработка „повеќе од три децении“ помогна во градењето капацитети и способности за заштита на „регионалната безбедност“, истакнува генерал-мајор Грегори Најт.

Велч, исто така, изрази поддршка за активната улога на С. Македонија во регионалната соработка, вклучително и посветеноста на земјата на заедничка безбедност, колективна одбрана и заеднички воен сојуз како членки на Северноатлантскиот договор (НАТО), како и континуирана поддршка за процесот на пристапување на земјата во ЕУ

Сенаторот Велч ја предводеше иницијативата за двопартиска резолуција со која се потврдува поддршката на Соединетите Американски Држави за пристапувањето на Македонија во ЕУ. Сенаторите Велч и Шахин, исто така, се придружија на конгресната делегација во Македонија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, каде што ја изразија континуираната поддршка на Соединетите Американски Држави за Балканот.