Нова средба на Курти и Мустафа во обид да договорат заедничка влада

од Aleksandar Petrovski
157 прегледи

Лидерите на двете партии победнички на октомвриските парламентарни ибори во Косово, Албин Курти на Движењето Самоопределување (ВВ) и Иса Мустафа на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), се состанаа денеска ненајавено, во нов обид да постигнат договор за формирање на идната косовска влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

И на третиот по ред состанок на двајцата лидери по прогласувањето на официјалните изборни резултати од страна на Централната изборна комисија (ЦИК) на 27 ноември, на новинарите не им беше дозволено да ја следат средбата, а овој пат не им се овозможи ниту сликање.
Мустафа, чија партија на парламентарните избори на 6 октомври освои околу 25 отсто, односно нешто над еден процент помалку гласови од партијата на Курти, кој се очекува да ја води идната влада, пред состанокот во Собранието на Косово им изјави кратко на новинарите дека не знае кога ќе се постигне договор, но дека се прават напори да се дојде до тоа.

– Разговараме, а кога разговараме тоа го правиме во полза на спогодбата. А за тоа кога ќе се спогодиме – тоа не можам да го гарантирам денеска, изјави Мустафа.

Спорот во преговорите меѓу двете досега опозициски партии настана откако ЛДК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.

Членката на Претседателството на ВВ Албулена Хаџиу завчера ваквото барање на ЛДК го нарече апсурдно и порача дека доколку партијата на Мустафа продолжи да инсистира на добивање на таа функција, тогаш единствена алтернатива е земјата да оди на избори.

Слични содржини