Должнината на животниот век на Европејците стагнира низ стариот континент, при што Англија забележува најголемо забавување во овој поглед, покажа една неодамнешна студија.
Студијата наведува дека за оваа појава е виновна алармантна комбинација од лоша исхрана, масовна физичка неактивност и зголемена дебелина на населението, пишува Гардијан.
Во просек, годишниот пораст на очекуваниот животен век во Европа падна од 0,23 години помеѓу 1990 и 2011 година на 0,15 години помеѓу 2011 и 2019 година, покажува истражувањето објавено во списанието „Lancet Public Health“.
Од 20 земји опфатени со студијата, растот на животниот век се намалил насекаде, освен во Норвешка.
Најголемо забавување на животниот век бележи Англија, а потоа следат Северна Ирска, Велс и Шкотска.
„Оваа важна студија докажува дека превенцијата е клучот за поздраво општество, поради што е витален дел од 10-годишниот здравствен план на кој работиме заедно со владата на Обединетото Кралство“, рече директорката на англиските служби за јавно здравје, „NHS“, Сара Прајс.
Таа додаде дека забавувањето на животниот век, особено поради кардиоваскуларните заболувања и ракот, укажува на итна потреба од посилна акција за сузбивање на клучните причинители на овие болести, а тоа се лошата исхрана, физичката неактивност и дебелината.
Студијата, спроведена од научници предводени од експерти од Универзитетот на Источна Англија, ги испитуваше промените во очекуваниот животен век во 20 европски земји во периодот од 1990 до 2021 година.
Еден од факторите што придонесе за забавување на животниот век секако беше пандемијата Ковид-19, велат експертите.
Експертите посочуваат дека земјите каде што очекуваниот животен век е најмалку забавен, како Норвешка, Исланд, Шведска, Данска и Белгија, имаат помалку смртни случаи од срцеви заболувања и рак.
Лидерот на истражувачкиот тим, Николас Стил, порача дека токму во овие земји здравствените политики на нивните влади придонеле за намалување на ризикот од срцеви заболувања.
Како што е наведено, заклучоците од студијата укажуваат дека се потребни посилни владини политики за борба против дебелината и поттикнување на физичката активност.
„Ова е сеопфатна, долгорочна политика за заштита на населението од ризик, вклучително и ангажирање на прехранбената индустрија за да се подобри производството и да се направи исхраната на нацијата поздрава“, истакна Стил.
Тој заклучи дека максималната долговечност во Европа се уште не е постигната, бидејќи во многу земји животниот век се уште се зголемува кај постарите луѓе.
„Проблемот е смртноста кај помладите луѓе, каде што има многу простор за намалување на ризикот и спречување на прерана смрт“, додаде Стил.