Поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, вели дека кога би бил претседател на ДИК не би дозволил да се спроведува идентификација на гласачите со фингерпринтот.
-Мислам дека има некои аналитичари кои сакаат да го оправдаат ваквиот начин на гласање со фингерпринти, каков има само во Ерменија, од само ним познати причини. Имплементација на ваков систем бара 12 до 24 месеци. Во Америка не се користи ваков систем, но секаде каде што се користи гласањето е проследено со големи проблеми. Јас не ги критикувам само знам што ги очекува, вели Новаковски.
Тој смета дека ДИК не излегува брзо со резултатите, напротив доцни и додава дека е добро што се ова локални избори, оти според него да беа парламентарни ситуацијата ќе беше многу подраматична. Новаковски потсетува дека во 2009 година на 97% пребројани гласови ДИК ги објави резултатите во 22.30 часот.
-Требаше да знаат дека ќе има проблем со самата технологија. Сега системот стана поголем проблем од проблемот што требаше да го реши. И цената на чинење не го оправдува воведувањето на овој систем. Сега да видиме дали може да се користи понатаму, додава Новаковски.