Новата бугарска МНР Габриел: Очекуваме македонските власти да спроведат истрага за нападот врз Кадриески

од Nikola Popovski

„Вчера имаше средба меѓу претставник на нашето Министерство за надворешни работи и амбасадорката на Република Северна Македонија, на која повторно беше многу јасно изразена загриженоста дека очекуваме властите во Северна Македонија да ја спроведат својата истрага“. Ова денеска на брифинг со новинарите во Софија го изјавила новата бугарска вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Марија Габриел, која го коментирала случајот со нападот на копретседателот на здружението на Бугари „Шемето“ од Струга, Бекир Кадриески.

„Веднаш беше преземена акција со објавување на јасен став на веб-страницата на МНР во кој кажавме дека оваа информација веќе стигнала до нас и баравме да ги имаме сите информации. Тоа во моментов е во тек“, рекла Габриел.

„Секако дека сме загрижени за јазикот на омраза, кој за нас е недозволив и неприфатлив“, посочила бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи.

Габриел додала дека засега нема официјално барање од Кадриески да се лекува во Бугарија, иако претходно тој во изјава за тамошните медиуми рекол дека посакува да замине за Софија.

„Подготвени сме да реагираме во секој момент, вклучително и сме во постојан контакт со нашиот амбасадор во Скопје“, прецизирала Габриел, пренесуваат бугарските медиуми.

Слични содржини