Новата сезона во Премиер лигата започнува со Кристал Палас – Арсенал на 5 август

од Vladimir Zorba
305 прегледи

Натпреварот меѓу Кристал Палас и Арсенал на „Селхрст Парк“ во петок на 5 август ќе ја започне новата сезона во англиската Премиер лига. Шампионот Манчестер Сити ќе ја започне одбраната на титулата со гостувањето кај Вест Хем во недела на 7 август, а Ливерпул во сабота на 6 август ќе му гостува на повратникот во елитата – Фулам.

Новиот менаџер на Манчестер Јунајтед, Ерик Тен Хаг ќе го има официјалното деби со Брајтон, а дербито од првото коло ќе го имаат Евертон и Челси на Гудисон Парк. Нотингем Форест ќе гостува во Њукасл Јунајтед во нивниот прв натпревар во елитата по 23 години.

Големото дерби меѓу Манчестер Јунајтед и Ливерпул ќе се одигра на 20 август на Олд Трафорд, а реваншот на „Енфилд“ ќе биде на 4 март.

Фаворитите за титулата Манчестер Сити и Ливерпул ќе играат на 15 октомври („Енфилд“) и 1 април („Етихад“), а двата тима ќе се сретнат во мечот за „Комјунити Шилд“ на 30 јули.

Сезоната во Премиер лигата ќе заврши во недела на 28 мај 2023 година.

Слични содржини