Новиот предлог-закон за заштита од пушење не само што ги заострува правилата за консумација, туку директно влијае и врз приходите на компаниите од тутунската индустрија. Претставниците од оваа индустрија сметаат дека предложеното законско решение ќе влијае на намалување на бројот на работни места и на затварање на компании. Тутунската индустрија во Македонија учествува со значителен процент во БДП, извозот на тутун и цигари носи над 120 милиони евра годишно.
-Предлогот на Законот за заштита од пушење и покрај декларираните цели за унапредување на јавното здравје, содржи низа рестриктивни мерки кои ја надминуваат рамката на заштита од пушењето и отвораат сериозни економски и социјални ризици. Предложените решенија, во својата сегашна форма, ќе имаат значителни негативни економски последици, пред сè врз државниот буџет, а потоа и врз работните места и легалниот пазар. Искуствата јасно покажуваат дека драстичните забрани не водат кон намалување и заштита од пушењето, туку напротив – создаваат сериозен контраефект преку раст на нелегалната трговија и поттикнување на сивата економија, велат за „Локално“ од претставници од тутунската индустрија.
Нагласуваат дека ниту една директива на Европската Унија не предвидува забрана за изложување на тутунски производи и други производи што содржат тутун и/или никотин, ниту пак ваква целосна забрана постои во земјите членки на ЕУ. Поради тоа, предложените решенија не се усогласени со европската регулатива и создаваат дополнителна правна и пазарна несигурност.
-Доколку законот се донесе во предложената форма, очекуваме значителен пад на легалниот промет, директно губење на јавни приходи и сериозен удар врз малите бизниси. Забраните што се предлагаат создаваат услови за затворање на илјадници мали трговски објекти, загрозување на егзистенцијата на околу 4.800 мали бизниси и губење на значителен број работни места, особено во секторите каде што продажбата на овие производи претставува важен дел од вкупниот промет, велат од индустријата.
Во исто време, потрошувачите го губат своето основно право на информираност. Забраната за изложување на производите значи дека граѓаните нема да имаат пристап до јасни информации за легалните, регулирани и контролирани производи, што ги насочува кон првиот достапен ист или сличен производ – често нелегален и без каква било контрола на квалитетот и безбедноста.
Во фискална смисла, последиците би биле сериозни во повеќе индустрии и сектори, кои би биле директно загрозени со зголемувањето на нелегалната трговија и падот на легалната продажба. Со сето ова погоре нема да се исполни целта за која ова решение е предложено.
-Ова е горливо прашање и сметаме дека ќе има многу голем економски ефект врз компаниите од тутунската индустрија. Ние сме само еден сегмент кој ќе има негативни последици од примената на ова законско решение. Освен тутунската индустрија негативните последици ќе почувствуваат и другите сектори, како угоститителството, туризмот, трговијата…, велат за „Локално„, познавачите на состојбите на пазарот.
Законот наскоро ќе се најде на јавна дебата на платформата ЕНЕР, каде компаниите од тутунската индустрија ќе го изнесат својот став. Така што во наредниот период се очекува жесток судир на мислења и интереси и радикални промени во оваа индустриска гранка.
Б.С.