Најмалку четири лица загинаа, а осум се повредени за време на антивладините протести во централна Венецуела, соопштија властите.

Државната обвинителка Луиза Ортега потврди дека луѓето настрадале во петокот во судирите во градот Баркисименто. Градоначалникот на тој град за тоа ги обвини вооружените групи кои ја поддржуваат Владата.
Во саботата околу 3.000 луѓе се собраа на автопатот во Каракас за да изразат поддршка за Ортега. Иако беше голем поддржувач на починатиот претседател Хуго Чавез, Ортега стана една од најгласните критичари на претседателот Мадуро, кој беше избран за негов наследик токму од Чавез.
На Ортега и е забранет излез од земјата, имото и е замрзнат, а во вторник треба да се појави пред Врховниот суд кој ќе одлучи дали ќе и се суди.
-Сите излеговме на улица за да го осудиме и да го спречиме таквиот потег, изјави потпретседателот на Парламентот Фреди Гевара, кој е под контрола на опозицијата. АП објави дека опозицијата тврди дека државниот обвинитл може да го смени само Парламентот.
Постапката против Ортега ја покрена нејзиниот заменик Педро Карено, кој е поддржувач на Мадуро, откако Ортега го обвини Мадуро за државен тероризам поради насилствата на силите на безбедноста против демонстрантите.
Протестите против Мадуро започнаа на 1 април поради економската криза во земјата и големата инфлација, а во текот на тримесечните секојдневни протести досега загинаа 89 лица.