Една недела откако поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претстојните избори Доналд Трамп преживеа обид за атентат на митинг во Пенсилванија, неговиот предизборен тим ги објави најновите информации за здравствената состојба на Трамп.
Извештајот, напишан од конгресменот од Тексас, Рони Џексон, доверлив поддржувач на Трамп, кој беше и лекар на Трамп во Белата куќа, даде нови детали за природата на повредите на кандидатот на Републиканската партија во нападот во Пенсилванија, пренесува АП.
Според Џексон, Трамп се здобил со прострелна рана на десното уво, а куршумот не влегол во главата за помалку од четвртина инч (нешто повеќе од половина сантиметар).
„Куршумот направил рана широка два сантиметри на ‘рскавицата на десното уво. Најпрво имало значително крварење, по што следело отекување на целиот горен дел од увото. Во меѓувреме отокот исчезнал и раната почнала да се лечи правилно“, се наведува во извештајот на Џексон
Тој додаде дека Трамп сè уште има повремено крварење, поради што треба да носи завој, како што направи на минатонеделната републиканска национална конвенција.
„Со оглед на природата на самата рана, шиењето беше непотребно“, напиша Џексон во својот извештај.
По нападот, Трамп најпрво бил примен во болницата „Батлер Меморијал“ во Питсбург, а според Џексон, лекарите „вршеле дијагностика која вклучувала скенер за глава“.