Нови правила: Од денес треба да „водите сметка“ колку пари ќе носите во странство

од Nikola Popovski

Новите правила за контрола на готовината пари и вредност што влегуваат и излегуваат од ЕУ стапува на сила од денес.

Сите патници што влегуваат или излегуваат од територијата на ЕУ ќе треба да пополнат декларација за готовина кога носат 10.000 евра или повеќе во валута или противвредност во други валути, како и со други платежни средства како патнички чекови или меници.

Европската комисија наведува дека новото правило е дел од напорите на ЕУ во борбата против перењето пари и изворите на финансирање на тероризмот.

Од денес ќе се применуваат бројни измени во ЕУ, што дополнително ќе ги заостри правилата и уште повеќе ќе го отежни движењето на големи количини на „неоткриена“ готовина.

Прво, дефиницијата за „готовина“ според новите правила ќе се прошири и ќе вклучува златници и одредени други златни предмети.

Второ, царинските власти ќе можат да постапуваат по износи помали од 10.000 евра, кога има индиции дека готовината е поврзана со криминална активност.

Конечно, царинските власти сега исто така може да побараат да се направи декларација кога ќе забележат дека готовина од 10.000 евра или повеќе се испраќа без придружба од пошта, роба или курир.

Новите правила ќе обезбедат надлежните органи и националната единица за финансиско разузнавање во секоја земја-членка да имаат информации потребни за следење и решавање на движењето на готовина што може да се искористи за финансирање на нелегални активности, заклучија тие во Брисел.

Слични содржини