Кина денес стави во изолација уште три милиони жители на североистокот од земјата по појавувањето на нови случаи на Ковид-19 поврзани со трговец кој бил во контакт со стари лица.
Кинеското Министерство за здравство денес пријави уште 109 новозаболени од Ковид-19, од кои скоро една третина се наоѓа во провинцијата Џилин, која се граничи со Северна Кореја.
Како последица на тоа, локалните власти наредија заклучување на дополнителни три милиони жители во два града во провинцијата – Гонгјулинг и Тонгхуа.
Со таа бројка, на повеќе од 19 милиони луѓе во североисточна Кина им е забрането да ги напуштаат своите домови. На некои им е дозволено да одат во продавница само секој трет ден.
Следејќи ја трагата на синџирот на зараза во Џилин, властите дојдоа до трговец од соседната провинција Хеилонгјанг, која се граничи со Русија, каде минатата недела властите прогласија „вонредна состојба“.
Трговецот посетувал неколку места каде што се рекламираат здравствени производи за стари лица, кои се ризична категорија за Ковид-19, според локалните власти.