Нови тензии во ДУИ: „Ахмети треба да ги исклучи Огнените и сами да излезат на избори и да бараат доверба од граѓаните“

од Nikola Popovski
353 прегледи

После неколку месеци пауза „Огнената група“ од ДУИ повторно го искажа своето незадоволство од состојбите во партијата. Според нив, не се остварени изборните ветувања и прстот го вперија во министрите од редовите на нивната партија како првиот вицепремиер Артан Груби и шефот на дипломатијата Бујар Османи. Тие побараа двајцата да си заминат од функциите. „Од Владата бараме одговорност за неефикасното работење. Артан Груби и Бујар Османи ги имаат најслабите резултати во Владата и првпат рејтингот на албанската позиција го надмина рејтингот на ДУИ“, рече новиот потпретседател на ДУИ, Изет Меџити, додавајќи дека нема забелешки за лидерот на партијата Али Ахмети.

 

Џенур Исени

Дел од експертската јавност смета дека денеска „Огнените“ не кажаа ништо ново, туку само ги реобјавија своите барања од „есенскиот бунт“. Политикологот Џенур Исени во разговор за „Локално“ вели дека „денешната прес-конференција е поради тоа штоа Огнената група не земала дел од владиниот колач“.

-Со самото тоа што Ахмети им дозволи на некои од нивните членови да влезат во Централното претседателство, мислеа дека ќе грабнат малку од владиниот колач, но тоа не се случи и затоа е оваа денешна прес-конференција. Нивната цел е Груби и Османи. Не се работи за никакви идеали, туку за теснопартиски цели. Меџити тврди дека има свое гласачко тело и дека заслужува да добие некои негови луѓе во Владата, но ако мисли така зошто не формира негова партија и да излезе на избори. Мое мислење е дека Ахмети треба да ги исклучи од партијата и сами да излезат на избори и да бараат поддршка од граѓаните, посочува Исени.

Меџити бара смена на Груби и Османи, но Исени смета дека меѓу „Огнените“ нема кадар кој што може да го освежи владиниот тим.

-Кое е тоа освежување, Муса Џафери или Блерим Беџети, кај кого слушнавме и од бомбите како договараат именување и смена на некои од судиите. Зошто Меџити не бара одговорност од Висар Ганиу кој што нема исполнето ниту едно ветување на локалните избори или самиот тој кој што е уништувач на зелената агенда? Ако Ахмети им даде простор на овие луѓе кои што бараат промени, автоматски значи оттуѓување на зелената агенда, која што ја промовира ДУИ, бидејќи оваа група уништи се што е како јавен простор. Поранешниот градоначалник на Чаир уништи се што е зелено со дивоградби и други објекти и практично овие барања се нелигитмни. Ако ДУИ ги прифати нивните барања, ќе значи оттуѓување од зелената агенда. Огнената група нема допирни точки со зелената агенда, дециден е Исени.

Политичкиот аналитичар потенцира дека Груби и Османи не треба да си заминат од Владата за да се крене рејтингот на ДУИ.

-Јас сум за промена во ДУИ, но „Огнената група“ е тотално нелигитмна за да бара промени. Ако треба да се бира меѓу Груби и Османи да останат или оваа група да дојде на чело на ДУУ, апсолутно сум за првиот избор, ни реече Исени.

Тој е убеден дека во 2023 година ќе дојде до предвремени парламентарни избори.

-Со или без незадоволствата во ДУИ, јас сум сигурен дека идната година ќе има предвремени парламентарни избори. Веќе има притисоци од албанските опозициски партии кои што условуваат за уставните измени. Мислам дека Владата мора да направи голем компромис за да ги стигне овие 80 пратеници кои што им се потребни за внесување на бугарското малцинство. Со тоа мислам дека власта ќе мора да прифати предвремени избори, заклучува Исени во својата анализа.

Н.П.

Слични содржини