Изборите во Македонија и победата на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ донесоа нова прераспределба на силите во земјата, но и политички пресврт во целиот регион. Новата претседателка Гордана Силјановска Давкова во своето прво обраќање рече дека нејзините патишта пред Европа „водат на Балканот“.
-Падна владата во Македонија и има причина за тоа. Народот покажа дека нема да дозволи поединци да создаваат кризи и преку институции да се штитат себе си. Горд сум на народот кој застана на патот на поделбите. Да не влегуваме во еуфорија, ароганција и самобендисаност. Граѓаните очекуваат резултати, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по пребројување на изборните гласови.
Западните медиуми оценуваат дека победата на ВМРО-ДПМНЕ значи „свртување кон десно за земјата која е вечен кандидат за ЕУ, но и израз на незадоволство од корупцијата и тапкањето во место кога е европскиот пат во прашање“.
Што значи победата на ВМРО-ДПМНЕ за европскиот пат на Македонија?
Дел од аналитичарите сметаат дека треба да се постави контра-прашање: што значи европска иднина, односно дека патот го трасираме самите.
-Патот е копенхашките критериуми, владеење на право и правна држава, мерит систем, кариерен раст, професионализација. Вложување во образованието и преквалификацијата, стандарди, урбанистичко и просторно планирање макар и на едно планиско село. Јакнење на алтернативните финансиски системи, како замена за банките, влез на капитал…, вели аналитичарот Александар Ристевски за „Локално“.
Дециден е дека не треба да има менување на Уставот и внесување на Бугарите без датуми и цврсти гаранции.
-Европа попушташе на ситни лопови и мешетари кои ги слушаа, а ја раскрчмуваа и уништуваа државата. Ни требаат гаранции, па уставни промени, а попатно се ова што го наведов. Ни треба ред, поредок и функционален систем, без мито и со сериозни санкции. Тоа го очекувам, а и за тоа народот гласаше. Тоа е европска иднина, по тој пат, ги образложува Ристевски своите ставови.
На прашањето дали победата на ВМРО-ДПМНЕ значи политички земјотрес за враќање во минатото или нова надеж, соговорникот вели дека ВМРО ДПМНЕ е најсилната партија која на сите избори освен во 2002, по воениот конфликт, не загубила.
-Сите други пати кога не била дел од власта биле скандалозни. И 1992, и 1994, и 2020. Да, периодот 2006-2017 имаше скандалозни аспекти и маани и пропусти, но се што е реформа е од тоа време. Се што е инфраструктура е од тогаш. Објекти, патишта, паркови… мислам дека имаме кратко паметење за тоа што останало и кога е направено или пак неретко така ни одговара. Дефинитивно нова надеж, потенцира аналитичарот.
Од Бугарија стигнаа првите пораки до ВМРО-ДПМНЕ дека не отстапуваат ни милиметар од своите барања, односно дека шансите за олабавување на условите за продолжување на европскиот пат на Македонија и можни нови договори меѓу Скопје и Софија се сведени на минимум, наведувајќи дека отстапки од нивна страна нема да има. За Ристевски, бугарскиот претседател Румен Радев е семето на злото на односите помеѓу Македонија и Бугарија.
-Ресидив од едно друго време, лоботомиран дека ние тука сме Бугари со испран мозок, и дека сите кои не ги прифаќаме неговите историски вистини сме некакви србомани или југословени, а декатреба малку воспитни мерки да се оправиме. За почеток Радев треба да ги спроведе одлуките на судот за човекови права во сопствената држава. И тоа е тоа! Потоа може да се разговара. Под уцена и закани, нема ништо. Радев е проблемот, а не решението. Македонија и Бугарија преба да соработуваат во наука, во спорт, за изградат меѓусебе патишта и железница, да патуваме со лични карти, меѓугранична соработка, превод на книги, размена… и тоа е тоа. Тогаш Радев ке биде небитен, ирелевантен. Македонците и Бугарите се блиски соседни народи. Патем, таму не има многу повеќе. За многу Македонци, Бугарија е дом, држава мајка. Ама тоа не ги прави помалку Македонци. Ќе се реши се, трпение спасение, очекува аналитичарот.
Од друга страна, архитектот и политикологот Тони Поповски смета дека декларативно, програмски но и реторички, ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска Давкова се залагаат за наше зачленување во Европската Унија. Истовремено, вели, жестоко ја критикуваат надворешната политика на владата на СДСМ нарекувајќи ја „политика на отстапки“, последното поврзано со прифаќањето на рамката за преговори, а претходно и по однос на Преспанскиот договор како и Договорот со Бугарија.
-Слушнавме ставови дека рамката е прифатлива, но дека уставната измена треба да има одложено дејство до зачленување во ЕУ и дека треба само да се надополни, вклучувајќи и некакви гаранции кои би превенирале вето на овој пат, иако процедурално, надополнувањето е истовремено измена на пакетот на документи и како таква упатува на нов процес на усогласување со сите ЕУ27 држави вклучувајќи ја и Бугарија. Тука доаѓаме до факторот време, не само квантитативно туку и квалитативно поради перспективата за зачленување во 2030 која е валидна во моментов, а согласно последната изјава на Шарл Мишел, претседавачот со Советот на ЕУ, вели Поповски во разговор за „Локално“.
Додава дека ВМРО -ДПМНЕ и Силјановска Давкова побараа и добија масовна поддршка од електоратот, да се обидат и да издејствуваат подобри преговарачки услови.
-Останува да видиме дали воопшто и кога тоа би можело да се случи. Ваков обид кој е легитимен согласно со изборниот резултат ќе изискува време, а притоа извесен е дополнителен притисок за издвојување на Албанија и одржување на нивната – втора Меѓувладина конференција со ЕУ. Последново може да има и негативни импликации врз меѓуетничките односи кај нас, како и генерално застојот во процесот на пристапување кон ЕУ, бидејќи претставува еден од клучните фактори за внатрешна кохезија, смета Поповски.
ВМРО-ДПМНЕ е во пол позиција да формира влада, истакнува соговорникот, но претходно треба да дојде до програмско усогласување со потенцијалните партнери и тоа, според него, нема да биде толку едноставно особено по однос на коалицијата ВЛЕН.
-Амбицијата да се владее низ партнерство е легитимна но партиите ќе бидат соочени со потреба од повлекување од барем еден дел од црвените линии кои се зацртани во изборните програми, а потоа и реторички комуницирани до сопствените електорати во форма на изборни ветувања. Тука клучна е подготвеноста да се плати неминовната политичка цена во рејтинг за да се дојде до одржлив коалициски компромис. По однос на 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ имаше доволно време да извлече поуки, особено по однос на владењето на правото , влијанието врз судството, вклучувајќи ја и корупцијата како и други поврзани појави на кронизам, клиентелизам, конфликт на интереси и слично. На овие теми, ВМРО-ДПМНЕ за време на кампањата високо ја крена летвичката на очекувања и посветеноста на спречувањето на корупцијата може да биде вториот клучен фактор покрај брз исчекор во европските интеграции, за одржливо функционирање на потенцијалната владина коалиција, имајќи предвид дека и кај другите потенцијални партнери оваа тема беше високо на изборната агенда. Во спротивно ќе дојде до големо разочарување кај нивниот електорат но и генерално во јавноста, нагласува Поповски.
За односите со Бугарија, политикологот вели дека од изборната кампања, „имам впечаток како ВМРО – ДПМНЕ и Силјановска Давкова ќе се обидат да ја динамизираат билатералната авенија со Бугарија, не толку по однос на содржината на билатералниот Договор, туку повеќе од аспект на модалитети за негово спроведување“.
-Притоа, поврзано со уставните измени и внесувањето на делот од бугарскиот народ во нашиот Устав, слушнавме очекување за правење на одредени гестови од бугарска страна, поврзани со пресудите од Европскиот суд за човекови права во Стразбур за регистрирање на македонските здруженија во Бугарија, како и за потребата Бугарија да даде некаков облик на гаранција дека нема да употребува вето за прашања поврзани со историјата. До овој момент и особено за време на изборниот период кај нас, бугарските власти беа претежно воздржани со коментари и нивните изјави се сведуваа на очекувањето Северна Македонија да си ги исполни сопствените превземени обврски. Истовремено, нема некоја јавна индикација за подготвеност на властите во Бугарија да одговорат позитивно на вакви барања на ВМРО – ДПМНЕ и Силјановска Давкова, но сепак ќе треба да се причека овие барања да бидат и формално искомуницирани. Притоа во предвид треба да се има и дека Бугарија влегува во период на неизвесни парламентарни избори и дека во моментов има техничка влада. Ова од своја страна може повторно да доведе до одлагање на нашиот исчекор во преговорите со ЕУ, оценува Поповски.
Н.П.