Најмалку едно лице загина во нови руски воздушни напади рано утринава врз Киев и неколку украински региони, соопштија локалните власти.
„Серијата воздушни напади врз Киев продолжува, без преседан по сила и интензитет. Ова е деветти последователен воздушен напад врз главниот град на Украина од почетокот на мај“, соопштија цивилните и воените власти на Киев.
Крстосувачки ракети беа лансирани од руски стратешки бомбардери од регионот на Каспиското Море, а извидувачки беспилотни летала летаа над Киев.
„Сите непријателски цели во воздушниот простор на Киев се откриени и уништени“, велат истите извори.
„По соборувањето на едно летало, избувна пожар во деловна зграда, но нема повредени“, изјави на Телеграм градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Едно лице загина, а две други се повредени во воздушен напад на пристаништето Одеса на Црното Море, соопшти регионалната воена управа.
Војската, исто така, извести за напади во областа Виница во централниот дел на земјата, а локалните медиуми јавуваат за експлозии во регионот Хмелницки.
Руската страна ги изврши нападите за време на посетата на високиот кинески функционер Ли Хуи на Киев.
Специјалниот претставник на Кина за евроазиски прашања треба, како што соопшти Пекинг, да разговара за „политичко решение“ на конфликтот со локалните власти.