Нови заменици-министри: Рендевски во здравство, Бајдевски останува во МИОА

од Nikola Popovski
437 прегледи

Утврдени се имињата кои Владата ќе ги определи како нови заменици-министри. Нов заменик-министер за финансии ќе биде Филип Николовски, дознава „Локално“ од свои извори.

Николовски е поранешен член на управниот одбор на КБ Прво пензиско друштво. Тој оваа функција ја извршуваше во два мандата.

Покрај овој ресор, нов заменик-министер ќе има и во здравство, а тоа ќе биде д-р Владимир Рендевски.

Д-р Рендевски е директор на Универзитетската Клиника за Неврохирургија во Скопје и доцент по прeдметите хирургија и неврохирургија на медицинскиот факултет во Скопје. Добитник е на престижната европска награда – најдобар научно истражувачки труд во категоријата на млади неврохирурзи на самитот во Крагуевац, Србија, а има освоено и второ место за научно истражување од областа на неврохирургијата на конгресот по неврологија и психијатрија одржан во Пула, Хрватска.

Промена нема да има во местото заменик-министер во Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Според информациите, Владимир Бајдевски повторно ќе биде на истата функција.

Бајдевски дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје, каде се стекнува со звањето дипломиран економист во насоката финансиско сметководствен менаџмент. Во периодот од 2005 до 2006 година работи како соработник во канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија. Од 2006 до 2010 година е ангажиран во Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, прво во Секторот за анализа и координација, потоа во Секторот за општи работи.

Николовски доаѓа на местото на сегашниот премиер Димитар Ковачевски, додека Рендевски ќе го замени Илир Шабани, кој досега беше заменик-министер за здравство.

Слични содржини