Новинар падна на колена поради сцени од болница во Газа: „Нема да можам да заборавам“ (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska

Арапскиот известувач на Би-Би-Си, Аднан Ел Бурш, паднал на колена додека известуваше од болница во Газа, откако видел десетици пријатели и соседи меѓу загинатите и ранетите во израелските бомбардирања.

Тој ја опиша ситуацијата во болницата Ал-Шифа, најголемата медицинска установа во радиус од 40 километри, како трауматична.

„Тела има насекаде, а повредените молат за помош“. Во еден дел од прилогот од болницата новинарот признава: „Видов работи кои никогаш нема да можам да ги заборавам“.

Во еден дел од видеото, млада девојка со крваво лице седи во болнички кревет, плаче и е покриена со прашина додека лекар ѝ ги прегледува нозете. Ел-Бурш открива дека таа го изгубила својот дом и дека нејзините роднини се убиени.

Меѓу ранетите, камерманот Махмуд го видел својот пријател Малик, кој преживеал, но неговото семејство не.

„Ова е мојата локална болница. Внатре се моите пријатели, моите соседи, ова е мојата заедница. Денеска беше еден од најтешките денови во мојата кариера“, изјави Ел Бурш.

Израел ја бомбардира Газа како одмазда за нападите на Хамас во јужните израелски градови во кои загинаа најмалку 1.300 луѓе оваа недела.

Во бомбардирањата загинаа најмалку 1.500 Палестинци, а Израел размени оган и со либанската група Хезболах.

Human Rights Watch соопшти дека забележале „повеќе воздушни напади со артилерија од бел фосфор истрелани над пристаништето во градот Газа и два рурални града долж израелско-либанската граница“.

Слични содржини