Новиот германски закон во морето лажни вести: Пет работи кои можеби погрешно сте гислушнале

од desk4
139 прегледи

По советите на експертите со кои разговараше Би-Би-Си можеби ќе ви стане појасно што се треба да знаете за новиот Закон за работни односи во Германија

 

Веста дека германската Влада усвои Закон за вработување работници од странство одекна во балканските земји кои не се членки на Европската унија, но и пошироко.

Можеби и премногу, па агенциите за посредување при вработување се преплавени од заинтересирани за брзо заминување во Германија.

– Луѓето ни се обраќаат и практично мислат дека веќе за некој ден можат да тргнат, велат од агенцијата „Наиша-Мед“ од Ниш.

Никола Смијаниќ, економист, кој живее во Хамбург, еден е од авторите на блогот „Германско катче“, осмислен да им помогне на луѓето од Балканот кои сакаат да работат или да се школуваат во Германија, вели: „За усвојување на новиот германски закон практично слушнав во балканските медиуми, додека во Германија исклучиво се споменува нацрт на тој закон, кој се уште не е усвоен, така што луѓето од Балканот се лошо информирани“.

Во морето лажни и непроверени вести мораше да интервенира и Амбасадата на Германија. На веб страницата се објавени информации со три најважни факти – дека законот не стапува во сила на почетокот на 2019 година, дека граѓаните од државите кои не се дел од ЕУ не можат под истите услови да се вработат во Германија, како и дека и натаму им е потребна виза за работа во Германија.

По советите на експертите со кои разговараше Би-Би-Си можеби ќе ви стане појасно што се треба да знаете за новиот Закон за работни односи во Германија.

1. Кога можете да одите – не можете веднаш

Германската Влада се уште не го усвоила законот, туку се работи на Нацрт-закон на владејачката коалиција, што треба да помине низ сите институции на Владата за да биде потврден, а дури по одреден период ќе стапи во сила.

Иако се очекува дека се ќе биде подготвено за 1 јануари 2020 година – тоа и не мора да се случи.

– На граѓаните не им е доволно јасно претставена веста за новиот закон. Само се очекува дека тоа ќе се случи до 2020 година, дека законот би можел да почне да се применува. Она што исто така не го знаеме е како тој ќе изгледа на крај, ова е само предлог, велат од Германската амбасада за Би-Би-Си.

Дури и ако законот почне да се применува наредната година – тоа не значи дека можете од 1 јануари 2020  година да го спакувате куферот и да се упатите кон Германија според новите услови.

– Дури и да најдете работодавач, може да поминат месеци додека добиете документи. Се оди преку Амбасадата на Германија или Конзултатот. Доколку не се намали времето на чекање во конзуларните одделенија на амбасадите во поранешните југословенски републики нема многу да се олесни процесот на заминување работници во Германија, велат од Агенцијата „Наиша-Мед“.

2. Кој се може да оди

Никола Смилјаниќ се преселил во Германија во 2010 година. Заминал на студии, а потоа и се вработил.

Неговиот пријател Филип Перишиќ, исто така Србин, кој живее и работи во Германија, го повикал пред неколку години и му пределожил да започнат да водат блог.

– Се повеќе другари од Балканот ни се јавуваа и прашуваа како сме заминале. Потоа не повикуваа другарите на другарите, и така тоа стана помасовно. Не можевме повеќе на сите оделно да им одговараме и затоа почнавме да пишуваме. Ние не советуваме, туку се обидуваме да им ги појасниме правилата, да им ги пренесеме информациите и да споделиме искуства поврзани со тоа што сме го поминале. Не сакаме никого да го туркаме во ниту еден правец, туку само да помогнеме во собирањето информации при донесувањето одлуки, вели Никола за Би – Би – Си.

За блогот досега пишувале 15 академици од просторите на поранешна Југославија. Темите се различни – од тоа како да заминат на факултет или да најдат работа во Германија, до секојдневни работи – која банка е најдобра или како да се најде стан.

3. На кого ќе му биде лесно и колку

Никола објаснува и кој може полесно да се пресели доколу се донесе новиот закон:

– Треба да се знае дека ништо нема да биде лесно, но може да стане полесно за луѓето со средна стручна подготовка. На оние со факултет веќе им е овозможено да дојдат и да бараат работа со помош на сина карта, иако за тоа не се пишува многу. Моментно, луѓето без универзитетска диплома можно е да дојдат само ако нивната професија е дефицитарна. За останатите професии треба прво да се провери дали некој работник од Германија или некои други земји од ЕУ може да ја преземат таа работа. Списокот на дефицитарни професии се укинува кога ќе се воведе новиот закон, па германските и граѓаните на ЕУ повеќе нема да бидат привилегирани, појаснува Никола.

4. Колку време се чека за документи

Пак треба да се вратите – на шалтер.

– Не е јасно колку ќе трае процесот за подготвување на документите ако се усвои новиот закон, а од тоа ќе зависат сите работи, велат од Агенцијата за посредување.

Никола Смиљаниќ документите ги чекал само два месеца, но во 2010 година.

– Секој има поинакво искуство. Имам познаници кои се обидуваа да го состават семејството и за тоа им требаше 1,5 година. Проблемите се бројни – од недобивање термин во Амбасадата до документи, кои не можеле да ги набават и слично. Некогаш луѓето чекаат по четири-пет месеци, вели Никола.

Новата стратегија на Владата на Германија ги обрзува очекувањата конзуларните одделенија на амбасадите да доделуваат термини најдолго во рок од 14 работни дена од поднесувањето на барањето. Одлуката за одобрување на визата би требало да се донесе во рок од три недели по терминот.

И во Германија, вели Никола, се води полемика колку луѓето ќе работат на ова кога ќе се усвои законот.

Идејата е да се направи централно одделение за странци и комплетно да се дигитализира, бидејќи, иако на многумина им делува чудно, сите документи кои треба да се испратат за виза во Германија не одат преку мејл, туку физички.

5. Закон кој ќе реши се? – Не

Овој закон само ќе ви овозможи потенцијално полесно да отидете за Германија, но оваа земја усвојува сет закони кои треба и да ви го олеснат животот – кога еднаш ќе отидете.

– Моментно голем број луѓе се интересираат како да отидат, а вистинските проблеми се случуваат кога ќе се најдат во некој германски град со куферите, без ништо. Тогаш дури почнуваат да ни се јавуваат, вели Владимир Новак, консулатант во Агенцијата за посредување при вработување луѓе од Србија во Германија.

– Досега во Германија за признавање документи беа задолжени речиси 1.500 институции, а само неколку од нив се во надлежност на сојузната влада. Мнозинството припаѓаат на сојузните покраини во кои се наоѓаат, појаснува Никола Смиљаниќ и додава: „Тоа значи дека секоја покраина има различни правила што можат да доведат до конфликт и до продолжување на обработката на случаите“.

Би-Би-Си – Лондон

 

Слични содржини