Ѕвездата на Бруклин Нетс, Кајри Ирвинг, кој не игра за својот тим затоа што одби да се вакцинира против коронавирусот, наскоро би можел да се приклучи на тимот.
Иако над 90 отсто од кошаркарите во НБА лигата се вакцинирани, самата лига не забранува играње на невакцинирани. Сепак, Ирвинг не може да игра на домашен паркет поради правилата на градот Њујорк, па Нетси привремено го отстранија од тимот бидејќи ќе пропушти повеќе од половина од натпреварите.
Сепак, новиот градоначалник на Њујорк, Ерик Адамс, кој официјално ја презема функцијата на 1 јануари 2022 година, најави дека сериозно ќе размисли за односот на градските власти кон невакцинираните градски и други јавни функционери.
Иако тоа засега не важи за НБА лигата и Ирвинг, доколку јавните функционери поминат без вакцинација, тешко дека градската управа ќе може да остане строга кон сите останати.
Тренерот на Нетс, Стив Неш, потврди дека доколку новиот градоначалник ги ублажи мерките, со задоволство ќе го врати Ирвинг во тимот.
-Ако сѐ се смени, едвај го чекаме, изјави Неш, воздржувајќи се од коментар дали клубот разговарал на таа тема.