Затворениците во строго чуван затвор северно од Будимпешта произведуваат бодликава жица. Таа обично се користи за огради долж границата, но сега се извезува и кон Словенија и Македонија, кои исто така издигаат ограда во обид да ги запрат стотиците илјади мигранти кои се упатиле кон Западна и Северна Европа.
Работилницата се наоѓа во затвор до гр. Марианостра каде отслужуваат казни 710 лица, пишува агенцијата “Ројтерс”.
Унгарија веќе стави ограда по целата јужна граница со Србија и Хрватска. Во почетокот на работата земјата увезуваше жица, но сега произведува доволно за да ја огради и границата со Романија, ако треба, изјави комесарот за катастрофите Ѓорѓи Баконди.
“По потреба брзо можеме да ставиме ограда со бодликава жица, произведена тука”, рече тој. Засега Будимпешта не прогласила официјално слични намери.
Франција не е расистичка (или можеби е)
Унгарија дури и продава жица – ја снабдила Македонија со 100 километри, од кои дел биле произведени токму во Марианостра. Скопје планира допрва да гради нова ограда со должина над 40 км. Будимпешта продавала и на Словенија и е подготвена да снабдува и други европски држави, изјави Баконди.

Оградата на Унгарија ги натера мигрантите да скршнат кон Словенија, а пред неколку недели Словенија, Хрватска, Србија и Македонија почнаа да ги пропуштаат само Сиријците, Авганистанци и Ирачаните да минуваат низ нивна територија.
Тоа блокираше илјадници мигранти од други националности. Особено тешка беше ситуацијата на границата меѓу Македонија и Грција, каде што мигрантите протестираа и влегуваа во судири со полицијата повеќе од една недела. Скопје започна со изградба на ограда меѓу двете држави, а пред неколку дена Грција почна да ги враќа мигрантите назад кон Атина.
