Новиот пристап на Софија кон Скопје го поддржуваат 31% од Бугарите

од Берта Китинска

Новиот пристап на Софија кон Скопје има поддршка од 31 отсто од бугарските граѓани, само два месеца по изборот на новата влада на Кирил Петков, според најновото истражување на „Алфа рисрч“.

Иако поддршката за досегашниот став на Софија кон Скопје овој пат е значително намалена во споредба со претходните истражувања на јавното мислење (посебно во споредба со периодот на владеење на ГЕРБ на Бојко Борисов кога стигнуваше и до 80 отсто), таа и сега е за 18 процентни поени повисока од наклонетоста кон пофлексибилниот став што го промовираат новите бугарски власти.

Според резултатите од анкетата, одговарајќи на прашањето: „Која од двете позиции ја поддржувате – објавениот нов, подијалошки и флексибилен пристап на Бугарија кон Северна Македонија, или претходната потврда позиција?“, новиот пофлексибилен пристап во преговорите со Скопје на владата на Кирил Петков го поддржуваат 31 отсто, а 20 отсто не можат да проценат.

Агенцијата наведува дека истражувањето покажало дека по ова прашање тенките црвени линии минуваат не само меѓу коалициските партнери, туку и кај нивните поддржувачи. Со исклучок на Демократска Бугарија, поддржувачите на сите партии во владејачката коалиција, вклучувајќи ги и оние на „Продолжуваме со промената“ на премиерот Петков го претпочитаат досегашниот тврд пристап. Но, според агенцијата, тоа не значи дека новиот пристап е осуден на неуспех, туку ја потврдува старата максима – не е доволно да се каже, важно е да се убеди.

Слични содржини