Новиот шеф на бугарската дипломатија: Во моментов нашите односи со Скопје се специфични

од Nikola Popovski
125 прегледи

Не добивме покана од РСМ за заедничка прослава на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Засега немаме покана, изјавил новиот министер за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев. Тој во изјава за бугарските медиуми говорел и францускиот предлог и целиот спор со Македонија.

-Ставот не само на Бугарија за РСМ, туку и францускиот предлог е меѓу цела ЕУ и РСМ. Зборуваме за обврски кои далеку го надминуваат билатералниот спор. Доколку не се исполнат обврските, ЕУ нема да може да го продолжи патот кон пристапување на РСМ. Во моментов нашите односи со Скопје се специфични, потенцирал Георгиев во изјава за „bTV“.

За евентуална средба на премиерот Христијан Мицкоски со неговиот бугарски Росен Жељазков, Георгиев изјавил дека доколку се побара таква средба според воспоставената протоколарна практика, таа ќе биде разгледана од аспект на нејзината сериозност.

-Нема друга земја, повеќе од Бугарија, која сака Западен Балкан да биде дел од ЕУ, додал шефот на бугарската дипломатија.

Во Софија требаше да се одржи откажано заедничко чествување на Гоце Делчев по повод 153-годишнината од неговото раѓање. Сепак, македонските уметници ги повлекоа своите настапи кога стана јасно дека немаше да има официјални државни претставници од Македонија. Овој настан, кој првично се сметаше за значајна културна соработка, беше организиран под покровителство на бугарскиот претседател Румен Радев и планиран за 4 февруари. Планиран бил заеднички свечен концерт со класична музика и поезија но учесниците од Македонија го откажаа учеството затоа што од организаторот добиле лажни информации дека во Софија ќе патуваат и македонски официјално претставници.

-Немам проблем да иницирам средба со Бугарија, ние сме соседи и логично е да иницираме таква средба, да се запознаеме, ние сме колеги, соработуваме, заедно сме во НАТО. Апсолутно ќе побарам средба. Да видиме во ова опкружување дали можеме да ги надминеме нашите разлики во однос на тоа како гледаме на патот на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија и како тие го гледаат. Тука е разликата генерално, бидејќи секако имаме различни ставови на иста тема. Ние имаме своја стратегија, чија суштина е дали после две децении ќе ни се дозволи да го започнеме преговарачкиот процес и тој да се оценува врз основа на заслуги, а не врз основа на билатерални спорови. Да видиме дали тука ќе најдеме решение па потоа да бараме решение за се друго, рече неодамна премиерот Мицкоски во интервју.

Услов за автоматско одржување на Втората меѓувладина конференција со Македонија и втората фаза од почетокот на преговорите на земјата со ЕУ е вклучувањето на Бугарите во Уставот, што за владата на ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо и повлекување од националните интереси, сторено од претходната влада на СДСМ. Според ВМРО-ДПМНЕ, за да има предвидливост во евроинтеграциите на земјата, измените на Уставот треба да стапат на сила дури откако ќе завршат преговорите и земјите-членки ќе го ратификуваат договорот за пристапување на Македонија во ЕУ.

Слични содржини