Во составот на Централниот одбор се пресликани вредностите на СДСМ: за целосна родова еднаквост, за соодветна застапеност на младите, како и темелните вредности за заедништво преку концептот едно општество за сите. Од 120 членови во новиот Централен одбор 60 се жени, 60 мажи – целосна родова еднаквост. Млади се 45 членови, што е застапеност од над 37,5 проценти, досега највисоко и кај нас во СДСМ и во било која друга партија во Северна Македонија, изјави вечерва лидерот на партијата и премиер, Зоран Заев.
Покрај тоа што има членови на ЦО коишто се Македонци имаме и припадници на албанската, турската, ромската, бошњачката, српската, влашката етничка заедница. Во новиот состав на ЦО имаме и личности кои се докажале во своите полиња на делување, но досега не биле дел од структурите на партијата. Инженери, економисти, информатичари, правници, лекари, стоматолози, социолози…
„Бидејќи на здравјето на граѓаните и на здравството сме особено посветени и за нас е исклучително важно во новите органи имаме и повеќе доктори, медицински лица, специјалисти“, посочи тој.
На седницата беа избрани претседавач на ЦО, членови на ИО на СДСМ генерален секретар, организационен секретар, секретар за меѓународна соработка како и четири потпретседатели на партијата.