Новиот Закон за јавно обвинителство денес на владина седница

Позитивната оценка од Венецијанската комисија му даде зелено светло на Законот за јавно обвинителство за влез во владина процедура

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Сител

Позитивната оценка од Венецијанската комисија му даде зелено светло на Законот за јавно обвинителство за влез во владина процедура. Се работи за речиси нов закон меѓу кој се издвојуваат постапката за избор на републичкиот јавен обвинител, дисциплинската постапка и оценувањето на работата на обвинителите.

Постапката за избор на јавниот републички обвинител, сите кандидати ќе мора да испратат биографија и програма која јавно се објавува на веб-страницата на Министерството за правда, потоа Советот на јавни обвинители доставува позитивно мислење за оние кандидати за кои смета дека се соодветни за изборот.

„Друга суштинска промена е во однос на оценувањето на сите јавни обвинители кое за разлика од претходниот закон каде се предвидуваше оценување на четири години и разрешување по три последователни негативни оценки и оценување предвидува на секој три години редовно оценување на обвинителите и доколку обвинителот добие негативна оценка после една година има вонредно оценување и доколку добие негативна оценка тогаш тоа е основ за негово разрешување“, велат од Министерството за правда.

Со новиот закон се воведува и градација на дисциплински постапки од лесен до најтежок вид при што само оние од најтежок степен ќе значат основ за разрешување. Првостепените ќе се одвиваат пред комисија, второстепените пред советот и ќе бидат јавно објавувани.

Дисциплинските постапки ќе бидат јавни, а ќе се водат во две инстанци – првостепено пред Комисија и второстепено пред Советот на јавни обвинители.

Новина е и воведувањето основи за разрешување на претседателот на Советот на јавни обвинители. Во однос на финансиите, законот го задржува буџетот за јавното обвинителство на 0,4 отсто од државниот буџет, со механизам кој ќе обезбеди оваа одредба реално да се применува.