Новиот заменик-министер за економија со пресуда за злоупотреба на службената должност и со кривична во случај тежок 7.749.698 денари

од Nikola Popovski
967 прегледи

Владата на Република Северна Македонија до Собранието предложи нови имиња за заменици министри, при што целосно се комплетира владиниот тим. Според тоа што е објавено, поранешниот градоначалник на Прилеп, Марјан Ристески е предложен за заменик на министерот во Министерството за економија и труд.

Како што пренесуваат од Владата, Ристески е дипломиран економист, од 2005 до 2017 година бил градоначалник на Општина Прилеп. Добитник е на неколку меѓународни и домашни признанија.

Против Ристески беа покренати повеќе кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување, како тогашен градоначалник на Општина Прилеп.

Во 2021 година, против Ристески и уште осум лица, како и против две правни лица, беше поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување. Според Обвинителството, обвинетите, меѓу кои поранешен градоначалник, државен правобранител, нотар и раководители од Прилеп во својство на одговорни лица, со пречекорување на своите овластувања, а со намера да овозможат противправна имотна корист за правното лице од Прилеп, во 2012 и 2013 година отуѓиле градежното земјиште сопственост на државата, со што е предизвикана штета на Буџетот во износ од 7.749.698 денари.

-Во 2013 година, од страна на општина Прилеп, се вели во соопштението од МВР, било издадено одобрение за градење на правно лице од Прилеп за изградба на станбена зграда со деловен простор на друга локација во Прилеп при што бил склучен договор за плаќање на надоместокот за уредување на градежното земјиште на 11 месечни рати, а платена е само првата рата, а самиот Договор нема предвидено одредби за заштита од неплаќање на долгот, ниту пак истото е укинато, на кој начин противправно му е овозможено на истото правно лице од Прилеп да врши градежни работи без да го плати утврдениот надоместок- а што е спротивно на одредбите предвидени во Законот за градење. Плаќањето на надоместокот за уредување на градежното земјиште е извршено во 2016 година вез основа на судска пресуда по тужбата за продажба на градежни парцели, информираа тогаш од МВР.

Во 2017 година, основниот суд во Прилеп го осуди тогашниот градоначалник со парична казна од 36.900,00 денари. Ристески е осуден поради сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“, а по кривични пријави од адвокатот Жарко Стеваноски. Тој исто така доби и условна казна.

Покрај заменик-министерското место во економија, Владата предложи нови имиња и во останатите ресори. За заменик министер во Министерството за одбрана се предлага Елфет Исмаили. Исмаили е дипломиран економист. Своето работно искуство го започнува во Фонд за магистрални и регионални патишта. Од 2006 до 2008 била директорка на ГЦПЦ Пошта Скопје 2, а од 2008 до 2019 била вработена во АД Македонска Пошта како соработник за маркетинг. Во 2019 до 2024 година била Придружничка на лице упатено во Делегацијата на РС Македонија при НАТО, Брисел, Кралство Белгија.

За заменик министер во Министерството за внатрешни работи се предлага Астрит Исеини. Исеини завршил на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, а се стекнал и со титулата доктор на Науки по Кинезиологија, вонреден професор. Во моментот е вонреден професор на Тетовски универзитет и на Факултет за Биотехнички науки во Битола.

За заменик министер во Министерството за правда се предлага Ален Деребан. Деребан е магистер по право од областа на меѓународно право и меѓународни односи, со завршен правосуден испит. Од 2014-тата година има сопствена адвокатска канцеларија, а во два мандата е и советник во Советот на Општина Струга.

За заменик министер во Министерството за односи со заедници се предлага Неждет Мустафа. Мустафа е дипломиран професор по филозофија. Од 1996 до 2002 година бил градоначалник на Општина Шуто Оризари. Потоа бил дел од македонското собрание како пратеник, а од 2006 до 2017 година е назначен за Министер без ресор – Национален координатор на Декадата и Стратегија за Ромите.

За заменик на министерот во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се предлага Зоран Димитровски. Димитровски е магистер на политички науки, а има долгогодишно работно искуство во медиумите, како главен и одговорен уредник. Димитриевски од 2020 до 2023 година бил избран за заменик министер за локална самоуправа.

За заменик министер во Министерството за европски прашања се предлага Викторија Трајков. Трајков завршила на Универзитет Св. Климент Охридски Битола, и се здобила со титулата доктор на економски науки. Од 2010 година е вработена во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. А од 2019 година е избрана за доцент на Универзитет Скопје.

За заменик на министерот во Министерството за финансии се предлага Николче Јанкуловски. Јанкуловски е доктор на економски науки, а во моментот е редовен професор на Катедрата за агроекономија на Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола. Има издадено повеќе домашни и меѓународни публикации.

За заменик на министерот во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се предлага Мирослав Лабудовиќ. Лабудовиќ е магистер по електротехника и информациски технологии. Од 2022 година е менаџер на инженеринг во Корпорацијата Теламон.

За заменик на министерот во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се предлага Флакрон Беџети. Беџети е професор по политички науки на Универзитет Мајка Тереза Скопје. Тој има долгогодишно работно искуство во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Република Северна Македонија. Бил државен секретар во Министерството за труд и социјална политика, а во моментот е раководител на одделение за претставки и предлози, Правен сектор.

За заменик на министерот во Министерството за здравство се предлага Јовица Андовски. Андовски е дипломиран економист, од 2011 до 2017-тата година бил заменик министер за здравство. Тој бил В.Д. Директор на Секретаријатот на Здравствената мрежа на Југоисточна Европа, како и национален координатор на SEEHN на Република Северна Македонија.

За заменик на министер за образование и наука се предлага Лулзим Алиу. Алиу е доктор на филолошки науки. Тој е редовен професор по предметот Методика на наставата по албански јазик, Литература за деца на Педагошки факултет „Свети Климент Охридски“ Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј – Скопје“. Од 2023 до 2024 година бил Продекан.

За заменик на министерот во Министерството за социјална политика, демографија и млади се предлага Ѓоко Велковски. Велковски е дипломиран економист. Има долгогодишно работно искуство во Министерството за труд и социјална политика, бил Секретар на Град Скопје, а во последната техничка Влада беше технички министер за труд и социјална политика. Од 2013 до 2024 година бил советник во Советот на Општина Чаир.

За заменик министер во Министерството за локална самоуправа се предлага Ерџан Селими. Селими е магистер по политички науки. Од 2009 до 2014 година бил советник во кабинетот на министерот без ресор. Од 2014 до 2024 година бил државен службеник во Генералниот секретаријат на Владата, а од 2017 до 2024 година бил советник во Советот на Град Скопје.

За заменик министер во Министерството за култура и туризам е предложен Седат Сулејмани. Сулејмани има завршено Педагошка Теологија на Универзитет Улудаг – Бурса во Турција. Бил заменик министер за култура, а од 2023 година е вработен во Општина Тетово како советник за стручно административна поддршка на општинскиот инспекторат.

За заменик министер за дигитална трансформација е предложен Радослав Настасијевиќ Варџиски. Настасијевиќ Варџиски е магистер на економски науки – отсек маркетинг менаџмент, а од 2019 до денес работи во Општина Куманово.

За заменик на министерот кој ќе раководи со Министерството за јавна администрација се предлага Лазе Јаќимоски. Јаќимоски е вонреден професор на Правен факултет – Кичево, Универзитет Св. „Климент Охридски“ Битола. Има издадено повеќе домашни публикации.

За заменик на министерот во Министерството за транспорт се предлага Калтрина Зеколи Шаќири. Зеколи Шаќири е доктор на науки. Од 2016 до 2023 година е професор на Универзитетот Мајка Тереза, Факултет за социјални науки, а од 2023 до 2024 година била избрана за в.д декан.

За заменик на министерот во Министерството за животна средина и просторно планирање се предлага Ане Лашкоска. Лашкоска дипломирала на Природно математичкиот факултет во Скопје и се здобива со титулата инженер по хемија. Лашковска беше долги години пратеник во македонското Собрание.

За заменик на министерот во Министерството за спорт се предлага Сафије Садики Шаини. Садики Шаини е инженер по Информатика на Природно – математичкиот факултет при Државниот универзитет во Тетово, каде што од 2012-2019 била вонреден асистент по информатика. Таа била пратеничка во парламентарниот состав 2020 до 2024 година. Од 2020 година е асистентка по информатика на Универзитетот Мајка Тереза.

Слични содржини