Вчерашниот ден беше забележан како најцрниот ден во ковид-статистики од почетокот на пандемијата во нашата земја.
Властите велат дека од една страна нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки за спречување на коронавирусот бидејќи се очекува веќе донесените да дадат резултат. Од друга страна, министерот за здравство Венко Филипче вели дека со оваа динамика на заболување болничките капацитети забрзано се пополнуваат.
Нема потреба од нови мерки
Комисијата за заразни болести одлучи дека засега нема потреба од нови мерки и забрани. Тие апелираат граѓаните да се придржуваат до препораките – да не се групираат по домовите, да носат маски, и да нема собири на отворено повеќе од четворица. Тие сметаат дека движењето по 21 часот е намалено, а болниците се уште имаат празни кревети за најтешките пациенти.
Здравствените власти веруваат дека мерките кои се на сила, воведени пред извесно време ќе почнат да даваат резултати.
Од Комисијата за заразни болести сметаат дека епидемиолошката слика во земјава не е најдобра, но ситуацијата ја следат од ден во ден.
Повеќето земји од регионот веќе воведоа полициски час. Ваква ригорозна мерка со која се забранува движење во вечерните часови, се до 5 часот изутрина воведоа Грција, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина…
Болниците се полната
Министерот за здравство, Венко Филипче во вечерашното гостување на телевизија Сител рече дека доколку продолжи оваа динамика на ширење на корона вирусот, може да дојде до ситуација да нема доволно кревети.
-Сметаме дека не е соодветно да сместуваме пациенти во објекти кои не биле предвидени за тоа. Ќе сметуваме пациенти каде што има кадар. И во соседните земји и во Германија, целиот кадар се мобилизира и капацитетите се полнат брзо.
Следните чекори се во рамките на сите интернистички клиники, кревети има доволно, меѓутоа кадарот треба да се мобилизира. Исто така се предвидува и смесстување на ковид пациенти на хирурушките клиники. Тоа ќе биде прв пат во историјата целиот систем да лекува само една патологија, со цел да се намали притисокот, рече Филипче.
Во однос на третманот на пациентите Филипче нагласи дека секогаш пациентите имаат обврска прво да се јават кај матичниот лекар и тој да ја процени здравствената состојба. Матичниот лекар е обврзан да ги прегледува пациентите и да биде на располагање 24 часа и тоа не е од сега, тоа е години наназад- рече Филипче.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 47636, бројката на оздравени пациенти е 27803, на починати е 1345, а бројот на активни случаи изнесува 18488.
Полициски час во Србија
Во Србија вечерва стартува новиот полициски час кој ќе трае од 21 часот до 5 изутрина.
Ова е со цел да се спречи ширењето на вирусот, а во овој меѓупериод е забрането да работат угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови, рестораните, како и трговците центри и продавниците.
Исклучок од оваа мерка се аптеките, испораката на храна, бензиските пумпи и економските субјекти кои работат трета смена.
Мерките ќе важат 15 дена, до 1 декември, кога владата повторно ќе донесе одлука за нив.
Српскиот министер за внатрешни работи вели дека полицијата ќе биде на улиците во поголем број вечерва, кога стапуваат на сила новите мерки за сузбивање на коронавирусот.
Тој изјави дека полицијата ќе биде таму доколку некој се спротивстави на комуналната милиција, како и дека ќе ги предупредува несовесните граѓани дека мора да го почитуваат законот, кој е ист за сите.