Коронавирусот бил присутен и ги заразил луѓето во САД дури и пред Кина да ги пријави првите случаи на 31 декември 2019 година, откри студија на Американскиот центар за контрола и превенција на болести и американскиот Црвен крст.
Американските лекари официјално го регистрирале првиот случај на Ковид-19 кај пациент на 19 јануари 2020 година, но медицинските наоди во трудот објавен во списанието Клинички инфективни болести укажуваат на тоа дека вирусот може да циркулирал и претходно во САД.
Научниците проучувале скоро 7.400 донирани примероци од крв во девет држави во САД помеѓу 13 декември 2019 и 17 јануари 2020 година. Доказите за антитела на Ковид-19, чие присуство сугерираа дека лицето имало контакт со вирусот, биле присутни во 106 примероци, покажала студијата.
Анализата на болничките податоци од САД на крајот на 2019 година, исто така, покажа зголемување на бројот на пациенти со грип, од кои многумина имаа силна кашлица и други сериозни респираторни симптоми.
Истражувачите во Европа претпоставуваат дека вирусот корона бил присутен во европските земји пред Кина официјално да го објави појавувањето на новиот вид. Студија во Франција откри дека има антитела кон Ковид-19 во примероци од крв земени на почетокот на декември 2019 година. Слична студија спроведена од нивни италијански колеги откри дека примероците во Италија покажале присуство на антитела во септември.
Во меѓувреме, шпански вирусолози пронајдоа траги од вирусот во примероците на отпадни води собрани во март 2019 година – цели девет месеци пред појавата на короната во Вухан.
Точното потекло на коронавирусот во моментов не е познато, но Америка постојано се обидува да ја обвини Кина за тоа. Претседателот на САД, Доналд Трамп, честопати го нарекуваше „кинески вирус“ вирусот, кој досега зарази повеќе од 13,8 милиони лица и уби повеќе од 271 000 луѓе во Америка, предизвикувајќи жестоки протести од Пекинг, пренесува РТ.