Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Адханом Гебрејесус, во Женева изјави дека пандемијата на коронавирус сè уште се забрзува и дека бројот на случаи на инфекција е двојно зголемен во текот на изминатите шест недели.

Гебрејесус ќе ја свика Комисијата на СЗО за вонредни ситуации оваа недела, шест месеци откако СЗО прогласи вонредна состојба во јавното здравство на меѓународно ниво на 30 јануари, пренесува АП.
Комисијата ќе даде совети за понатамошна борба против пандемијата.
– Ковид -19 го смени нашиот свет, ги раздели луѓето, заедниците и нациите – им рече Гебрејесус на новинарите.
Тој наведе одредени фактори кои се покажале како успешни во некои земји, како што се политичко лидерство, образование, зголемено тестирање, хигиена и мерки за физичко дистанцирање.