Ново ВИДЕО од апсењето на новинарот Салиу: „Не можам да дишам“

од Nikola Popovski
730 прегледи

Новинарот Фуркан Салиу објави ново видео од неговото апсење пред два дена на фудбалски натпревар во Средно Коњаре. При еден момент, му вели на припадникот на ЕБР дека „не може да дише“.

-Вистината никој не може да ја спречи да искочи на виделина. Сите јавни лица, блиски до ВМРО-ДПМНЕ кои што лажат јавно и се обидуваат да ја оцрнат мојата работа откако овој случај ќе се расчисти ќе бидат тужени, порачува Салиу.

Од порталотХ наведуваат дека имало обид за бришење на материјалите и одземање на телефоните.

-Во оваа држава законот мора да важи еднакво за сите, без оглед дали станува збор за министер, лекар, новинар, изјави вчера министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за инцидентот на фудбалскиот натпревар каде беа неколкумина приведени.

Според него, никој нема право да ја злоупотребува позицијата, ниту да попречува службено лице при вршење на должноста. Тошковски потврди дека имало физички напад по долните екстремитети на еден од полицајците и тоа е нивна изјава.

На изјавата за медиумите на министерот беше присутен и Салиу. Тој бараше одговори за настанот во кој беше инволвиран, меѓу кои и за прегледот на неговиот автомобил во кој беше пронајдено оружје. Од МВР велат дека внатрешна контрола го испитува секое дејствие преземено од полициските службеници на овој настан.

Салиу вчера го запраша Тошковски дали добил информација како бил пронајден неговиот пиштол и по која основа е претресено неговото возило, без негово присуство.

-Извршен е преглед на вашето возило. Лицето има дозвола за поседување, но таквото оружје не смее да биде во рамки на возило на предметното место во селото. Точно се знае согласно закон како се поседува и како се транспарторира од едно до друго место и како се носи. Станува збор за прекршок во однос на начин на поседување на истото. Многу битно е пиштолот да го чувате дома, а не во своето возило. Во оваа држава мора законот да важи за сите. Доколку биде расчистено дека нападот не се случил, ќе ти се извинам, му одговори министерот на Салиу, најавувајќи соодветна пријава најмалку кон две лица.

Министерот тврди дека новинарот лаже кога вели дека немал контакт со полициските службеници пред да го приведат.

Пред неколку дена Салиу објави видео во кое приложи документ, како што наведува, од Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ. „Предизборната пропагандистичката машинерија на Груевски во рацете на Мицкоски. ПорталиХ дојде до изборниот оперативниот план на ВмроДпмне“, пишува во најавата на видеото објавено на Фејсбук на ПорталХ. Првиот дел како што се наведува е насловен: Македонската радиотелевизија во служба на партијата. Според Салиу, за помалку од два месеци од Оперативниот план, оваа „точка“ на Републичкиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ се реализирала токму на Јавниот сервис МРТВ преку емисијата „Објектив“.

Слични содржини