НОВО ВИДЕО од жената која ја остави бомбата во Истанбул: Седела на клупа 40 минути

од Stefanija Kuzmanovska

По бомбашкиот напад во Истанбул во кој загинаа шест лица, се појави ново видео од сириската државјанка за која турските власти велат дека ја оставила бомбата на шеталиштето.

Видеото го објави истанбулската полиција и содржи делови снимени од безбедносните камери пред експлозијата.

На видеото се гледа Ахлам Албашир (23), осомничена дека ја оставила бомбата на популарната улица, како шета низ градот со марама на главата и со ранец на грбот.

На почетокот на видеото пишува 15:17 часот, што е околу еден час пред експлозијата.

Сириската државјанка била снимена и како седи на клупа на шеталиштето во 15 часот и 30 минути.

На следниот кадар се гледа дека е 16 часот и 11 минути и во тој момент Албашир станала од клупата, што ги потврдува изјавите на турските власти од претходно – дека жената седела на клупата околу 40 минути пред експлозијата.

На видеото потоа се гледа како таа трча по улицата, по што следи кадар во 16:17 часот, а потоа видеото завршува.

Експлозијата се случи во неделата околу 16:20 часот.

Албашир беше уапсена околу 10 часа по експлозијата и ја призна својата поврзаност со терористичката група ПКК.

Од друга страна, ПКК негираше каква било поврзаност со нападот.

Досега во врска со нападот се приведени 50 лица, заедно со жената осомничена дека ја оставила бомбата.

Слични содржини