Екипите на Град Скопје деновиве започнаа со асфалтирање на улица Есенинова чиешто пробивање почна минатото лето.
– Со оваа нова траса се добива уште едно сообраќајно поврзување на Кисела Вода, Аеродром и на Центар, односно булеварите Борис Трајковски и Трета македонска бригада.Новоизградената улица Есенинова ќе биде долга 730 метри, со променлива ширина, односно, ќе има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во Трета македонска бригада. Предвидено е да се постави улично осветлување со 20 столбови, нова водоводна и канализациска мрежа и да се дислоцираат постојните резервоари и бунари кои се наоѓаат на таа локација, велат од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека улицата Есенинова е од огромно значење за жителите на Кисела Вода, Аеродром и на Центар, зашто претставува трето поврзување на урбаните делови на Аеродром и Кисела Вода.
-Булеварот Трета македонска бригада со должина од 2,5 километри има само 2 поврзувања со Кисела Вода, едното преку булевар Србија со булевар Борис Трајковски, а второто, познатото тесно грло кај „Тутунски комбинат“, кое воедно го поврзува Аеродром и со Кисела Вода и со Центар.
Со изградбата на Есенинова, ова тесно грло во сообраќајот ќе се растовари, ќе се скрати кружењето околу „Тутунски“, кое во периодите на најголемиот сообраќаен метеж трае од 5 до 10 минути. Ова ќе го почувствуваат и граѓаните кои патуваат од „Континентал“ во Гази Баба до Рампа и Чешма во Кисела Вода, а кои избегнувајќи го тесното грло кај „Тутунски“ кружат или преку булевар Србија во Аеродром или преку булеварите Крсте Мисирков и Кочо Рацин во Центар.
Пробивањето на улицата Есенинова е финансирано од буџетот на Град Скопје и вредноста на проектот изнесува околу 71.000.000 денари, велат од Град Скопје.