Новооткриени докази укажуваат на тоа дека Русија ја разнела браната Каховка

од Stefanija Kuzmanovska

Доказите сугерираат дека уништувањето на огромната брана Каховка во делот на Украина под контрола на Русија е резултат на внатрешна експлозија предизвикана од Русија, пишува „Њујорк Тајмс“.

Повикувајќи се на инженери и експерти за експлозиви, весникот во петокот објави дека истрагата открила докази кои укажуваат дека експлозивното полнење било активирано додека минувало низ бетонскиот темел на браната, уништувајќи ја структурата на 6 јуни.

„Доказите јасно укажуваат дека браната е оштетена од експлозија активирана од страната која ја контролира – Русија“, пишува „Тајмс“.

Во посебна анализа, тим од меѓународни правни експерти кои им помагаат на украинските обвинители во нивната истрага во петокот посочи дека прелиминарните наоди велат дека е „многу веројатно“ дека уривањето на браната во регионот Херсон е предизвикано од експлозиви поставени од Русите, објави „Ројтерс“.

„Автомобил полн со експлозиви“
Исто така, видео од дрон обезбедено од украинската војска кое датира од 28 мај, а беше објавено од АП во неделата, покажува автомобил кај браната Каховка кој изгледа како да е полн со експлозиви.

Кремљ го обвинува Киев дека ја саботирал огромната брана, чиј резервоар е со големина на американското Големо Солено Езеро, со цел да го прекине водоснабдувањето на Крим и да го сврти вниманието од украинската контраофанзива.

Украина, од друга страна, ја обвинува Русија за минирање на браната од советската ера, која е под нејзина контрола уште од раните денови на инвазијата во 2022 година, предизвикувајќи поплави низ поголемиот дел од бојното поле, уништувајќи обработливо земјиште и прекинувајќи го снабдувањето со вода за цивилите.

„Ројтерс“ не може самостојно да ги потврди наводите за причината за експлозијата на браната преку реката Дњепар.

„Тајмс“ ги цитира инженерите кои велат дека само целосното испитување на браната, откако водата ќе истече, може да го одреди редоследот на настаните што довеле до нејзино уривање.

„Ерозијата од водата што се пробива низ портите можеше да доведе до дефект ако браната беше лошо дизајнирана или ако бетонот беше супстандарден, но инженерите веруваат дека тоа е малку веројатно“, пишува весникот.

Слични содржини