Новороденото девојче Аја, спасено од урнатините по разорниот земјотрес, сакаа да го посвојат повеќе луѓе, јавува Би-Би-Си.
Во земјотресот загинаа нејзината мајка и татко и четирите браќа и сестри, а таа моментално е во болница во стабилна состојба.
„Таа пристигна во понеделникот во многу лоша состојба, имаше модринки, беше студена и едвај дишеше“, изјави педијатарот Хани Маруф.
Новороденчето во болницата во Африн го донел далечен роднина, а откако се проширила веста за бебето, илјадници луѓе на социјалните мрежи бараат детали за неа за да ја посвојат.
Менаџерот на болницата Халид Атија рече дека добил десетици повици од луѓе ширум светот кои сакаат да ја посвојат, но вели дека засега нема да дозволи некој да ја посвои.
„Додека не се врати нејзиното пошироко семејство, ја третирам како своја“, рече Атија, кој има четиримесечна ќерка и чија сопруга исто така ја дои и Аја.
Семејството на Аја е од сирискиот град Џандариф, кој беше уништен 90 отсто во земјотресот.
Името Аја, како што го нарекуваат девојчето, на арапски значи „знак од Бога“ или „чудо“, а за неа ќе се грижи роднина, пишува „Гардијан“.
Аја, која во моментот кога беше извлечена од урнатините во Ксендерис, сè уште беше врзана за папочната врвца за нејзината почината мајка, се уште е во болница, нејзината состојба од ден на ден се подобрува и нема оштетувања на ‘рбетот, како што се стравуваше на почетокот, изјави докторот од болницата во Африн.
„Ја нарековме Аја за да престанеме да ја нарекуваме новороденче“, вели д-р Хани Маруф од болницата „Џихан“.
За малата Аја ќе се грижи нејзиниот чичко Салах ал Бадран, чија куќа во Џендерис, во северозападна Сирија, исто така е уништена во катастрофалниот земјотрес.
Тој заедно со своето 11-члено семејство успеале да побегнат од еднокатната куќа, но сега живеат во шатор, пренесе АП.
Спасувачите во Џендерис ја открија Аја во понеделникот попладне, повеќе од 10 часа по земјотресот, додека трагаа по преживеани во урнатата петкатница.
Бебето било пронајдено под бетонските урнатини додека се уште била врзана со папочната врвца за неговата мајка, која починала заедно со нејзиниот сопруг и уште четири други деца.