НСОН најавува протест, Владата подготвена за разговори зa зголемување на платата на наставниците

од Берта Китинска
404 прегледи

Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) најавува протест в сабота пред Влада поради не исполнетите барања за усогласување на колективните договори, односно зголемување на платата на наставниците.

-Независниот синдикат за образование и наука се залага за достоинствено вреднување на трудот на вработените во секторот образование како и усогласување на минималната плата со пресметката за плата согласно колективните договори. Овој протест го организираме пред се поради недостаток на социјален дијалог . НСОН достави барања до МОН, но не добивме договор од страна на министерството, вели во изјава за „Локлано“, Томислав Гиевски од Независниот синдикат.

Тој посочува дека секој образовен синдикат се залага за подобри работнички права, само што секој има различни методи и степен на спремност за синдикални активности.

-Единствено заедничко дејствување на повеќе синдикати може да биде само во случај на штрајк, појаснува првиот човек на НСОН.

Гиевски упатува повик до сите колеги в сабота да се придружат на протестот пред Влада.

– НСОН како синдикат кои се уште нема доволно членство за репрезентативност, нема можност да покрене штрајк, но земајќи го во предвид брзиот раст на членство најавуваме дека откако ќе постигнеме репрезентативност ќе ги искористиме сите законски права за да направиме промени во потпросечната плата во секторот образование и поради тоа ги покануваме сите колеги да си придружат во НСОН, вели Гиевски.

За жестоките препукувања на релација опозиција-власт во Собранието за Законот за наставниците, Гиевски коментира дека политичките чинители во државата треба да имаат фер однос по однос на правата просветните работници.

– Политичките партии многу често се препукуваат врз грбот на просветните работници и поради тоа ни од темел изградивме независна организација која е надвор од влијанието на политичките центри. Бараме од сите политички чинители во државава да имаат по фер однос по однос на правата и достоинството на просветните работници, вели тој.

Владата е подготвена за разговори со синдикатите за усогласување

Заедно со претставниците на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и со другите синдикати ќе седнеме на маса и ќе го отвориме процесот на колективно договарање и усогласувањето на платите, рече министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, во интервју на Сител.

Таа посочи дека Владата веќе се изјаснила дека е апсолутно подготвена да го отвори прашањето за донесување нов општ колективен договор за јавниот сектор, со кој ќе се уреди и правото на регрес за К-15 и усогласувањето на платите со минималната плата.

-Нема решение за овие теми за само еден ден. Тие преговори траат и ние сме подготвени да ги започнеме. Затоа треба трпение и од синдикатот, бидејќи ние како Влада покажавме посветеност во решавањето на прашањата за унапредување на правата на работниците и на правата од работниот однос,рече Тренчевска.

Со неодамна постигнатиот договор меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, минималната плата се зголеми за околу 3 000 денари. Со новиот Закон, минимална плата сега изнесува 18 000 денари.

Б.М.

Слични содржини