Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) денеска на протест пред Владата побараа усогласување на платите во образованието со износот на минималната плата, согласно со колективните договори.
Учесниците на протестот се собраа пред хотелот Вип од каде се упатија пред зградата на Владата.
Од Независниот синдикат за образование и наука го истакнаа проблемот со неусогласената минимална плата во секторот образование и најавија дека ќе продолжат со помасовни протести доколку не се реши проблемот се пресметување на платата.
–Денеска пред Владата, има огромен број просветни работници кои го искажуваат сопствениот револт поради ниската потпросечна плата и поради начинот на кој се прави пресметката за плата. Ако во нашата држава минималната плата е 18 000 денари повикуваме, апелираме и најавуваме дека од ден на ден ќе бидеме побројни тука доколку не се најде решение за просветниот работник конечно да добие достоинствена плата согласно законите и согласно животниот стандард, порача Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат за образование и наука.
Синдикалните претставници обвинија и дека не им било дозволено да постават шатори пред Владата.